Со авион на американските воздухопловни сили, вчера во Косово стигна првата група од околу 100 авганистански бегалци, соопшти Радио слободна Европа.
Авганистанците на аеродромот во Приштина беа пречекани од косовската претседателка Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и американскиот амбасадор Филип Коснет.
Тие ќе бидат сместени во поранешниот камп на компанијата „Бехтел и Енка“, кој се наоѓа во близина на американска воена база во Урошевац.
Косовската влада соопшти дека привремено ќе биде домаќин на околу 2.000 Авганистанци кои работеле за силите на САД, НАТО или други меѓународни организации, а во согласност со косовските закони, ќе им биде обезбеден привремен престој до две години.
Неколку групи од околу 500 Авганистанци, кои полетаа од Кабул, исто така пристигнаа во Албанија пред два дена. Албанија соопшти дека е подготвена да прими 4 000 бегалци. Македонија, исто така, изрази подготвеност да прими околу 780 авганистански бегалци.
САД и другите земји ги завршуваат напорите за евакуација на авганистанските државјани од аеродромот во Кабул, бидејќи 31 август е одреден како краен рок во договор со Талибанците.