Појавувањето на корона вирусот во Северна Македонија од колосек го измести секојдневието на граѓаните на нашата земја, а особено напнатоста порасна со воведувањето на полицискиот час и строгите мерки од Владата за заштита на жителите.
Сепак, и покрај тоа, луѓето се обидуваат да изнајдат свој сопствен начин за тоа како да го пополнуваат времето, кое во вакви моменти мошне бавно поминува. Од домашни креации, друштвени игри, а голем дел од луѓето одат на „сигурно“ – читањето на книги.
Седењето дома повторно како да разбуди желбата кај луѓето за пишаниот збор, а за тоа говори и зголемената продажба на книгите од издавачките куќи и книжарниците.
Голем дел од издавачките куќи имаат и попусти на одредени наслови, па читателите преку интернет порачка, ги добиваат посакуваните книги во своите домови.
Ивана Спасев од издавачката куќа „Сакам книги“ вели ситуацијата со корона вирусот дополнително ги активирала читателите.
„Може да се каже дека вонредната состојба ја зголеми побарувачката за книги, бидејќи сите се затворени дома со слободно време на претек, па за среќа, се вртат кон книгите. Наши најпродавани автори во овој период, а и општо, се: Себастијан Фицек, Колин Хувер, Сузан Елизабет Филипс, Лиса Клејпас, Кристин Хана, Лиса Гарднер и многу други. Тмурната ситуација ги тера читателите да преферираат релаксирачки и романтични содржини во овој период, иако обично хит ни се трилерите“, изјави Спасев за „Фокус“.
Како што додава таа, првите два месеци од годината се послаби во однос на продажба, бидејќи читателите се снабдуваат со книги на крајот на претходната година.
„Продажбата на книги на почетокот на годината беше во рамки на очекуваното и нормалното како што е секоја година во тој период. Имено, јануари и февруари обично се послаби, бидејќи луѓето многу купуваат книги за Нова година во декември и потоа повторно за 8 март, па месеците помеѓу се малку послаби. Ние (Издавачката куќа Сакам Книги) конкретно годинава имавме отворање на нова книжарница во Капитол Мол на 14.02, па тоа донесе поголема посетеност и продажба во книжарниците“, посочи таа.
Бојан Саздов, главен уредник во издавачкиот центар „Три“ вели дека состојбата со корона вирусот во нашата земја ја промени набавката на нивните книги.
„Продажбата во книжарниците пред кризата и ограничувањата се одвиваше нормално, интересот за нашите изданија и општо книгите бележи континуиран пораст. Нашиот одговор на кризата беше што во функција ја ставивме нашата апликација за продажба и читање на електронски книги Книга.мк достапна за корисници од целиот свет, која во првиот месец покажа огромен интерес за електронските изданија и за овој нов начин на конзумирање на книгите. Во исто време, преку нашата интернет-книжарница понудивме попуст на сите печатени изданија од 25% што дополнително ги стимулира читателите слободното време овој период (што сите го имаме) да го искористат за читање на посакуваните наслови“, вели Саздов за „Фокус“.
Како што додаде тој, најпродавани наслови овој период се „Сапиенс“ и „Хомо деус“ од Јувал Ноа Хараи, „Твојот втор живот започнува“ од Рафаела Жордано, „Моќта на самодовербата“ од Брајан Трејси, „Полиција“ од Ју Несбе, „Сакам значи постојам“ од Ана Јовковска.
Социјалните мрежи помогнаа голем дел од читателите да се зближат и да се создаваат нови пријателства преку љубовта за кнжевноста.
„Размена на книги и книжевни муабети“ и „Книгохоличари“ се две од неколкуте групи на Фејсбук кои го собираат читателите на едно место. Во овие групи се коментираат, предлагаат книги, се анализираат автори и се запознаваат многу луѓе со ист вкус – љубовта кон книгата.
Ана Петревска, еден од администраторите на групата „Книгохоличари“ вели дека со моменталната состојба со корона вирусот значително се зголемиле активностите на читателите и нивниот број.
„Со оглед на тоа дека сме група во пораст, секојдневно ни пристигаат се повеќе објави од читатели и разновиден избор на книги. Поради настанатата ситуација во последниве два месеци, бројот на членови значително се зголеми. Над 2000 нови љубители на книги ни се придружија. Заинтересираноста за читање и за книги се зголеми повеќе од 50 отсто, секојдневно ни пристигнуваат над 130 објави во врска со книги, рецензии, мислења, осврти и прашања, што е далеку повеќе отколку во февруари. Има читатели, има љубители на книги и тоа е едно мало позитивно нешто што на тимот на „Книгохоличари“ даде доза на радост“, ни истакна Петревска.
Денис Бојаров, кој е дел од тимот на „Размена на книги и книжевни муабети“, пак смета дека концентрацијата кај активните читатели опаднала, а се активирале пасивните читатели.
„Во последните два месеци, според активностите на групата и според мое лично видување во разговор со пријателите, концентрацијата за читање кај активните читатели опадна поради актуелната состојба со вирусот ковид-19, а од друга страна, пак, желбата за читање се зголеми кај пасивните читатели. Ова во голем дел се должи на самоизолацијата, која различно влијае врз читателската публика. Исто така се зголемија и онлајн-активностите од типот на „Поетско читање“, се зголемија и предлозите за добри книги, дискусиите и игрите на книжевни теми итн. Со еден збор, книжевната дружба се крена на едно повисоко ниво од претходно и врските во нашето книжевно семејство се зацврстија уште повеќе. Зар не е тоа убаво во ова тмурно време?“, ни порача Бојаров.
Како што ни истакна тој, наскоро ќе биде издадена и неговата прва книга, збирка-раскази „Нека играат децата“ во издание на Антолог.
Фото: Фејсбук страници на „Сакам книги“ и Издавачки центар „Три“
Јорданчо Цветаноски