Во кочанската куќа на смртта, клубот Пулс, каде смртно настрадаа 59 младинци, а 155 повредени се хоспитализирани во различни здравствени установи во државата, во текот на годините настапиле голем број на познати музички имиња.
Помеѓу музичарите кои таму имале настапи се бројни миленици на младата публика.
Либеро Бенд, Антонија Гиговска, Зера, Браво Бенд, Барбара Ракичевиќ, Барбара Поповиќ, Бока Конга, Боби Сакс, Таско, Леа, Тајзи, како и голем број на диџеји биле редовни музички гости во клубот за време на викендите.
ДНК, за време на чиј настап синоќа се случи трагедијата, и во минатото имале настапи во Пулс.
На страницата на клубот редовно се објавувале најавите за концертите, како и фотографии од клупската атмосфера за време на забавите. Местото постојано било преполно со млади луѓе.
Првиот повик за помош во кочанската болница пристигнал утрово во 2.48 часот.
Според информациите кои ги обелодени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на настанот имало околу 1.500 луѓе.
Откако избувнал пожарот, предизвикан од пиротехнички средства кои се користеле на концертот, настанало стампедо за излез.
Како се дозволило да работи клуб со само еден влез и излез, дали и кој ја контролирал работата на ова збиралиште на млади, и кој дал зелено светло дека се исполнети безбедносните услови, пропишани со закон, допрва треба да се утврди.
Вики Клинчарова