„Во книгата откривам кој е човекот кого Есма го сакаше“

by fokus

Ова е недолично и голем срам, во очи на петгодишнината од смртта на кралицата на Ромската музика, Есма, целиот регион да пишува измислени пикантерии од нејзиниот љубовен живот.

Таа ниту била во врска со музичарот Мухарем Сербезовски, ниту пак верувам дека тој дал било каква изјава за српските медиуми во кои зборува за наводна љубов со Есма – за „Фокус“ раскажува Симеон Атанасов, човекот кој го помина животот под закрила на Есма Реџепова – Теодосиевска, и кој беше со неа до крајот на нејзиниот живот, менаџирајќи ја нејзината кариера.

Симеон вели дека кога во регионот започна да се објавува приказната дека Есма и Мухарем своевремено биле во љубов, веднаш реагирал. Испратил демант до медиумите, но сепак, приказната веќе допрела до пошироката јавност.

-Наместо да се покаже јавен интерес околу случувањата со куќата на Есма, која таа и ја остави на државата, со цел да биде музеј, јас треба да демантирам вакви неверојатни приказни. Целиот живот го поминав покрај Есма и Стево, ги знам сите детали од нивниот живот. Ниту била во врска со Мухарем, ниту пак имало тука некакви емоции.

Срамно е да се покаже ваков интерес за оваа тема, наместо да се запрашаме што се случува со куќата, зошто судскиот процес се завлекува со години, а од наследството останаа само урнатини. И додека внуците на Есма го оспоруваат тестаментот, јавноста се анимира со вакви небулози, наместо да се бараат одговори што остана од куќата која требаше да биде гордост и културно наследство на државата – раскажува музичарот.

Додава дека сите детали за животот на Есма се собрани во неговата биографска книга на која работи и која наскоро ќе биде објавена. Во неа раскажал за нејзината голема љубов со Стево, но и за човекот во кого била вљубена пред да го запознае Стево, а љубовната приказна со него немала среќен крај.

-Да, постоеше и друг човек во животот на Есма, пред бракот со Стево. Се сакале многу, но не била среќа да останат заедно. Го опишав сето тоа во книгата, иницијалите на човекот, случувањата од тоа време… Но, тој човек, дефинитивно не е Мухарем, туку се работи за друга личност. Почитувачите на делото на Есма ќе можат да прочитаат се, а акцентот треба да биде ставен на музичкото богатство кое таа го остави зад себе, бидејќи тоа е она кое ја направи посебна во животот – појасни Атанасов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости