Кина денеска влезе во најпрометниот период од годината со масовна миграција на луѓе и очекувани девет милијарди домашни патувања за време на 40-дневниот метеж по повод Лунарната Нова Година, во Годината на Змејот, јавуваат државните медиуми.
Тоа е речиси двојно повеќе од 4,7 милијарди патувања за време на празничната сезона во 2023 година, кога беа укинати многу строгите ограничувања поврзани со Ковид-19.
Милиони луѓе ќе патуваат во своите родни места за да бидат со семејството за Лунарната Нова година, која започнува на 10 февруари оваа година. Тоа е најголемата годишна масовна миграција на луѓе во светот.
За разлика од Западот, Кина и другите азиски земји користат лунарен календар чиј крај на годината се движи помеѓу крајот на јануари и средината на февруари. Шесте децении кои го сочинуваат неговиот век се поделени на дванаесетгодишни циклуси, од кои секој е претставен со животно кое, според традицијата, ја одредува личноста на родените во неговиот знак.
Периодот за одмор трае две недели пред и по Лунарната Нова Година.
Околу 80 отсто од реализираните девет милијарди патувања се со автомобил, што е исто така рекордна бројка, а останатите со железнички, воздушен и бродски транспорт.
Во петок се очекуваат речиси 11 милиони патувања со железницата, а вкупно 480 милиони патувања се очекуваат во текот на 40 дена, 38 отсто повеќе отколку во 2023 година и 17 отсто повеќе во споредба со пред пандемијата 2019 година.