Во Кина евакуирани 230.000 луѓе од тајфунот Талим

by Fokus

Дрвја паѓаа врз возила во движење, а речиси 230.000 луѓе беа евакуирани во Гуангдонг бидејќи тајфунот Талим денес проби во  јужните кинески провинции.

Талим, првиот тајфун што ја погоди Кина оваа година, стигна до провинцијата Гуангдонг доцна вчера, брзо ослабувајќи во тропска бура, пренесува Ројтерс.

Брзината на ветерот се спушти до максимални 90 км/ч, соопшти кинеската метеоролошка служба.

Се очекува бурата дополнително да ослабне и да исчезне додека денеска ќе се движи кон северозапад од земјата и кон северен Виетнам, се вели во најавата.

Во Гуангдонг, откако Талим ослабе, пожарникарите спасија патници заробени во возилата од соборени гранки од дрвја и ги исчистија дрвјата од блокираните патишта, објавија кинеските државни медиуми.

Речиси 230.000 луѓе во Гуангдонг беа евакуирани вчера пред да го погоди невремето, објави државната новинска агенција Ксинхуа.

Локалните власти во Гуангдонг, исто така, наредија затворање на 68 крајбрежни туристички дестинации и наредија 2.702 рибарски бродови и 8.262 работници од рибарската индустрија да се евакуираат на брегот, соопшти Ксинхуа.

Во градот Гуангкси, Нанинг, државните медиуми објавија дека од вчера се запрени 35 патнички возови, а откажани 26 летови.

Во Хаинан, островска провинција јужно од Гуангдонг, од утринава постепено се нормализира железничкиот сообраќај, откако беше во прекин од вчера поради невремето.

Последиците од тајфунот се почувствувале и на 1.000 километри североисточно, во градот Фужоу, во провинцијата Фуџијан, каде што поплавите однеле мебел и апарати за домаќинство од куќите.

Поврзани новости