Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев заедно со градоначалниците на Општините Неготино, Росоман и Демир Капија како и претставници од Националната мрежа против насилство врз жените и здружение за родова еднаквост ,,Визија’’ Кавадарци, го отворија регионалниот Советувалиштен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство.
Ова е прв регионален Советувалиштен центар поддржан од општина, во случајот поддржан од четири општини. Главна цел на овој центар е да се подобри пристапот до специјализираниот сервис за жени и деца жртви. Советувалиштето се наоѓа на локација лесно достапна за лица со физичка попреченост и ќе го користат жени и деца жртви на семејно насилство од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман.
-Со овој проект во иднина заеднички ќе дадеме поддршка и ќе го спречиме повторувањето на едно исто насилство кај жените, ќе успееме да овозможиме економско јакнење и осамостојување на жените жртви и ќе го спречиме нивното насилство преку надминувањето на траумите и последиците при семејствата – појаснува градоначалникот Митко Јанчев. Семејното и родово базирано насилство во Тиквешко е голем проблем, кој загрижува.
За само две години во Кавадарци се регистрирани 69 кривични дела, и во 68 случаи сторителот бил машко лице. Евидентираните дела се со физичка сила, закани, сторени поради растројство и алкохол. Сторителите најчесто се сопруг, маж од вонбрачна заедница, син, татко…
Во Неготино пак, во 2020 година биле запишани 21 кривично дело во врска со семејно насилство, а 18 кривични дела во 2021 година. Случаи со физичка сила или закана, ладно оружје, загрозување на сигурноста, телесни повреди… В
о 2021 година биле евидентирани 18 кривични дела во врска со семејно насилство. Од почетокот на годината се регистрирани десеттина случаи, а сеќавањето на јавноста за случајот кога маж од Неготино ја претепа својата партнерка до смрт, на почетокот на август, се уште е свежо. Се смета дека бројот на жртвите на семејно и родово базирано насилство е многу поголем, но поради страв, како и финансиска немоќ, голем број од жртвите не го пријавуваат насилството и остануваат под ист кров со насилникот.
Многу од жртвите како најчеста причина поради која не го пријавуваат насилството ја наведуваат нивната економска зависност од партнерот, односно немаат каде да одат, доколку би го напуштиле.
Вики Клинчарова