Градоначалниците на Неготино, Росоман, Демир Капија, претставници од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Здружение за родова еднаквост Визија Кавадарци, денес потпишаа договор за воспоставување на Советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство на локално ниво, во овие четири општини.
Главната цел на овој проект е да се подобри пристапот до специјализирани сервиси за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство.
Целна група се жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство.
Советувалиштето ќе биде лоцирано во Општина Кавадарци, на локација која е лесно достапна за лица со физичка попреченост, а ќе го користат жени и деца жртви на насилство од Општина Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија.
-Се надевам дека со овој проект заеднички ќе успееме да дадеме поддршка и да го спречиме повторувањето на идно насилство кај жените, ќе овозможиме економско јакнење и осамостојување на жените жртви, и ќе го спречиме трансгенерациското насилство преку надминување на траумите и последици- информира градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Вики Клинчарова