Од утре во Кавадарци започнува вакцинацијата со комерцијални вакцини против сезонски грип. Граѓаните ќе можат да се вакцинираат во просториите на ЦЈЗ Кавадарци, од 10 до 13 часот секој работен ден, а вакцините се со цена од 800 денари, информираат од центарот.
Но, она кое изненадува е податокот дека периодов во Кавадарци бил регистриран само еден случај на сезонски грип.
Епидемиологот д-р Ристе Јовановски од Центар за јавно здравје Кавадарци потврдува дека е регистриран само еден случај, што е доста невообичаено за овој период од годината. Претпоставка е дека најверојатно, поради носењето на заштитни маски и актуелните мерки за заштита од Ковид-19, и грипот не може да земе замав, како што се случуваше минатите сезони.
Како потсетување, во сезоната 2019/2020, од грип и заболувања слични на грип, според официјални информации објавени на страницата на Институт за јавно здравје, во земјава беа регистрирани дури 33.171 случаи. Највисока кумулативна инциденца од 6.320 на 100.000 жители беше регистрирана токму во Кавадарци. Таму заболеа дури 2.720 лица.
Од вкупниот број на заболени лица во текот на 2019 година беа регистрирани 828 лица, а останатите 32.343 лица во 2020 година.
Во текот на сезоната 2019/2020 беа регистрирани три смртни случаи асоцирани со грип на лица на возраст од 14 до 85 години, од Скопје, Кочани и Пробиштип.
Од ЦЈЗ Кавадарци апелираат граѓаните над 65 години, оние кои имаат здравствени проблеми и здравствените работници да се вакцинираат против сезонски грип, и покрај тоа што досега е регистриран само еден случај на сезонски грип во центарот.
Според податоците на Европскиот центар за контрола на болестите (ЕЦДЦ), сезонава се уште не е забележана ниту една хоспитализација поради грипот во 55 европски земји, во 30 држави се пријавени активности во почетна фаза, имало пет извештаи за низок интензитет, а 29 држави не пријавиле никаква активност на грипот.
Вики Клинчарова