Организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад со локални музичари и празнично украсување на градот најавија од Општина Кавадарци.
Украсувањето ќе започне за време на викендот, а буџетот изнесува околу 600.000 денари. Исто така, општината имала и свои украси, кои ќе биле поставени на повеќе локации. И минатата година Кавадарци заблеска за време на новогодишните празници, а одлуката за организиран дочек граѓаните ја дочекаа со одобрување.
-Не секој може да си дозволи новогодишен дочек во скијачки центар или хотел, затоа е добро да се има забавна понуда за сите граѓани, да се почувствува празничниот дух во градот, коментираат кавадарчани.
Покрај Кавадарци, Охрид и Крива Паланка исто така најавија дочек со македонски музичари на градските плоштади. Две недели пред доаѓањето на Новата година пак, главниот град во земјава се уште нема започнато со украсување, ниту пак има објавено информација дали евентуално ќе има организиран дочек на плоштадот во Скопје.
Вики Клинчарова