Градежната компанија „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми доби одобрение за изградба на станбен објект покрај булеварот Партизанска во Карпош, поточно помеѓу бензинската „Макпетрол“ и поликлиниката „Букурешт“, кој ќе има површина од 31.958 квадрати, што е за околу 2 третини помалку во споредба со она што го дозволува Деталниот урбанистички план за Градска четврт 305, донесен уште во 2013 година.
Според изводот од ДУП-от со кој располагаме, на овој простор вцртана е градежна парцела со број 6.1 со површина од 4.569 квадрати, каде е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради (габарит од 3.543 квадрати), со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+пк) и висина од 88 метри. Притоа, со оваа маркица се предвидува максимална изградена површина од 99.204 квадрати.
Врз основа на овие параметри, инвеститорот изготвил урбанистички проект, неопходен за постапката за издавање на одобрение за градба. Имено, документацијата што ја обезбедивме покажува дека овој проект предвидува различен објект со поинакви карактеристики во споредба со планот. Односно, не се проектира објект во форма на квадрат со еднаква висина, туку скалест објект на повеќе нивоа, при што делови одат во висина до 10, 16 и 17 ката, а еден дел ќе биде само приземје и еден кат.
Во т.н. општи урбанистичко-архитектонски услови се наведува дека тој ќе биде со габарит од 3.198 квадрати или 345 квадрати помалку од она што го дозволува ДУП-от. Потоа, урбанистичкиот проект предвидува и максимално изградена површина од 39.219 квадрати, што, пак е за 59.985 квадрати помалку во споредба со она што го дозволува планот, додека со основниот проект со врши дополнително намалување на 31.958 квадрати. Освен домување, се предвидуваат и други компатибилни намени, кои може да опфаќаат максимум 40 отсто во однос на примарната намена.
Инаку, инвеститорот поднел барање за одобрение за градење на крајот на ланската година (22.11.2023), а Општина Карпош одговорила позитивно на почетокот на годинава (18.01.2024). Објектот може да почне да се гради откако издаденото одобрение ќе стане правосилно, што, според нашите информации од Општина Карпош, веќе се случило, бидејќи единствениот непосреден сосед немал никакви забелешки. Па така, веќе започнати се и градежни активности на терен, кои, според Законот за градење, мора да завршат во рок од 10 години.
„Фокус“ го обезбеди и одобрението кое му е издадено на „ЗСФ-КОМ“, но и на уште една компанија – „Делта 2015 Констракшн“, формирана во 2015 година. Порано, оваа компанија беше во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Орце Камчев, но во меѓувреме дошло до промени, така што денес како единствен сопственик се јавува Александар Николиќ, кардиохирург кој е дел од „Аџибадем Систина“. Управител, пак, е Дејан Каначковиќ, кој се јавува како управител и на „О.К. Сервис“ во сопственост на „Кара“, чиј сопственик пак е „Орка“ на Камчеви.
Всушност, „Делта 2015 Констракшн“ е сопственик на земјиштето каде треба да се гради новиот објект. Станува збор за локација, односно земјиште опфатено со катастарските парцели во рамки на катастарска општина Карпош со број 1801/3 и 1801/5. Практично, оваа компанија со „ЗСФ-КОМ“ склучила договор за заедничка градба со отстапување на право на градење, кој е составен дел од барањето за издавање на одобрението за градба, заедно со потребните проекти, елаборати, согласности од институции…
На тој начин, „Делта 2015 Констракшн“ му го отстапува правото на „ЗСФ-КОМ“ да го изгради објектот, во замена за соодветен дел/број на станови, деловни простории и трговски единици. Како што велат од компанијата, нивната цел е да изградат модерен објект согласно сите урбанистички стандарди, кој ќе се вклопи во моделот за хумано живеење. Токму затоа, истакнуваат од таму, ќе градат објект со значително помала квадратура отколку што дозволува важечкиот план.
„Свесни сме дека имаше отпор и реакции во јавноста за овој проект, но за дел од забелешките имавме слух и затоа ќе градиме објект со далеку помала квадратура од она што го дозволува важечкиот план, кој ќе даде нов лик и нова димензија на тој дел од градот. Се работи за објект кој главно ќе биде за домување, со сите стандарди во делот на урбанизмот, со уредено сообраќајно решение“, стои во одговорот што го добивме од „ЗСФ-КОМ“.
Влатко Стојановски