Вкупно 256 деловни субјекти на територија на Општина Карпош, се мапирани како потенцијални загадувачи.
На денешната шеста на Советот на Општина Карпош, по претходно елаборирање од страна на стручното лице од Одделението за заштита на животната средина и природата беше усвоен Извештајот за ажурирање на Катастар на потенцијални загадувачи, кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа.
Документот го изработи Друштвото за техничко консултантски услуги „Еко Мозаик“, како избран најповолен понудувач на претходно спроведена тендерска постапка.
Целта на ажурирањето е да бидат евидентирани правните субјекти кои делуваат на територија на општината, како дополнување на Катастарот на загадувачи кој е изработен во 2012 година, преку анализа на листи со одобрени Елаборати за заштита на животна средина од страна на Општина Карпош, Град Скопје и Министерство за животна средина и просторно планирање. Дополнувањето на Катастарот ќе биде помошна алатка и за инспекциските служби во локалната самоуправа, за да им обезбеди податоци за субјектите кај кои треба да извршат редовна контрола или пак евентуален инспекциски надзор.
Исто така, со помош на овој документ, општината ќе има детален увид за активните деловни субјекти, врз основа на што ќе може да ги проектира идните активности и мерки за подобрување и унапредување на животната средина. Во Извештајот за Катастар на потенцијални загадувачи на територија на Општина Карпош се евидентирани вкупно 256 деловни субјекти распределени во три главни категории на дејност: угостителски објекти (183), индустриски капацитети (18) и автомобилски услуги (55). Врз основа на овие податоци, понатаму ќе биде изработена и апликација која ќе функционира на општинската веб страна.
Апликацијата ќе работи на Google платформата а во неа ќе бидат прикажани сите правни субјекти кои се евидентирани во Катастарот и под чија надлежност се тие (Општина Карпош, Град Скопје или Министерство животна средина и просторно планирање).
Советот на Карпош ја прифати донацијата од „Пакомак“, која им ја доделува на Општина Карпош, откако беше прогласена за најеколошка општина за 2021 година. Како резултат на залагањето и поддршката во подигнување на еколошката свест, заштита на животната средина и селекција на отпадот од пакување, Општина Карпош ќе добие донација во вид на две нишалки, една клацкалка, една лизгалка и инфо табла. Вкупната вредност на донацијата изнесува 203.550 денари со вклучен ДДВ.
Со истата динамика беа усвоени и Извештаите за годишните програми кои ги реализираа Секторите и Одделенијата од Општина Карпош во 2021 година. Во таа насока, беше усвоен и Годишниот Извештај за работите во однос на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на Полициската станица од општа надлежност Карпош за 2021 година. Советниците ја усвоија и Завршната сметка на Буџетот на Општина Карпош за 2021 година.
Исто така, Советот ја усвои изменетата и дополнета Програма за активностите на Општина Карпош во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2022 година. Отсега, локалната самоуправа ќе доделува парична помош за секое новородено или посвоено дете, на родителите чии вкупни приходи не се повисоки од 37.000 денари, (досега беше до 31.000 денари).
Советот даде „зелено светло“ и за предлозите со кои локалната самоуправа ќе обезбеди финансиски средства, како помош за санација на опожарени стан и куќа на територија на Карпош. Исто така, советниците ја поддржаа Одлуката со која Општина Карпош ќе резервира парични средства за лекување на свој сожител. Со поддршка на советниците, детските градинки „ПИКОЛИНИ“ и „Мајлс оф смајлс“ се стекнаа со статутот на Приватна установа за деца.