На само петнаест минути со автомобил од Кавадарци, веднаш до брегот на Тиквешко Езеро се наоѓа угостителскиот локал ,,Луле”, место можеби недоволно експонирано во јавност, но за оние кои го посетиле, дестинација на која повторно се враќаат.
Станува збор за семеен ресторан кој неколку години наназад го води кавадаречката фамилија Ицови, а она по кое местото станува препознатливо е топлата атмосфера, но и специјалитетите приготвени со многу љубов, што би рекле кавадарчани, зготвено како за свои луѓе, како кога дома ти доаѓаат драги гости.
На менито во ,,Луле” најзастапени се разни видови на слаководни риби, но и скара. Домашно лепче потпечено на скара, обилни порции, богат избор на салати и домашно приготвени десерти се она кое се нуди, а цените се доста пристапни.
Иако се работи за локал кој е класично среден и не ги следи последните модни трендови кога е уредувањето во ,,ланч бар” стил во прашање, топлиот амбиент, прекрасниот поглед кон езерото, како и храната приготвена на начин типичен за традиционалните кавадаречки куќи, е она кое го прави местото посебно.
До ,,Луле” се доаѓа по асфалтиран пат, во близина е селото Ресава, како и Брушани. Наоколу има голем број на викендици, а поради природните убавини, изградeни се и големи викендици, на два ката, во кои сопствениците ја минуваат речиси цела година.
Локалот има и голема летна бавча, голем капацитет за посетители, и е идеално место за посета со деца. Добредојдени се и миленици, а новитет се апартманите кои наскоро ќе бидат доградени и пуштени во употреба, со што ,,Луле” станува еден вид на туристички комплекс, каде гостите ќе можат и да преноќат.
Она кое е впечатливо за ресторанот е што во тек на цела година има посетители, и тоа не само од Тиквешијата, туку од цела земја, но и од регионот. Луѓе од Србија, Бугарија, Турција и други земји, кои се на пропатување низ Тиквешијата, откако наишле на детали за ,,Луле” на социјалните мрежи, често доаѓаат овде да одморат и да уживаат во одличната храна.
Комплетната атмосфера која владее таму е еден вид на потсетник на вредноста на традицијата, како и на квалитетот кој го нудат македонските локали кои останале верни на старите кулинарски рецепти и во кои гостопримството се чувствува и во воздухот.
Вики Клинчарова