Властите во Јужна Кореја денеска ги заострија рестриктивните мерки поради брзото ширење на Ковид во земјата. Ова го соопшти Националната дирекција за контрола и превенција на болести.
Според новите ограничувања, максималниот број на луѓе кои присуствуваат на приватни средби е намален на четири лица, од кои сите мора да се целосно вакцинирани. Оние кои не се вакцинирани можат сами да ги посетат угостителските објекти или да си купат храна за дома.
Рестораните можат да примаат посетители до 21:00 часот, додека кината, концертните сали и интернет кафулињата мора да затворат во 22:00 часот. Влезот во јавните установи ќе се врши само со потврда за вакцинација.
Училиштата во Сеул повторно се префрлаат на делумни часови од далечина, со не повеќе од две третини од учениците кои посетуваат физичка настава. Бројот на посетители на спортски настани и концерти на отворено е ограничен на 300. Речиси сите авиокомпании одбиваат да ги обноват летовите до популарните туристички дестинации.
Заострувањето на карантинските мерки е воведено поради зголемувањето на бројот на новозаразени, починати и пациенти во тешки и критични состојби, изјави премиерот Ким Бу Гум.
Остриот пораст на новозаразени во Јужна Кореја дојде откако на 1 ноември беа ублажени ограничувањата, како дел од планот на владата постепено да се врати во нормала.
Кон крајот на ноември, властите одлучија да го запрат дополнителното олеснување на правилата за физичко дистанцирање, да ги забрзаат ревакцинациите и да го зголемат бројот на болнички кревети.
Бројот на нови случаи четврти ден по ред надминува седум илјади, а бројот на пациенти во критична состојба е рекорден од почетокот на пандемијата – 1016 лица.
Во последното деноноќие 53 пациенти починале од компликации предизвикани од коронавирусот. Вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата е 4644, а стапката на смртност е 0,83 отсто.
За невакцинираните во земјата важат строги мерки: не можат да ги посетуваат речиси сите јавни институции. Децата веќе се вклучени во кампањата за вакцинација, а здравствените власти апелираат граѓаните да се ревакцинираат на секои три месеци.
До 18 декември, 84,5 отсто од Јужнокорејците ја примиле првата доза од вакцината, а 81,8 процент биле целосно вакцинирани. Околу 21,3 отсто од граѓаните веќе примиле засилувачка доза од вакцината.