Во јуни или јули ќе добиеме зелено светло за отпочнување преговори со ЕУ, вели Заев

by fokus

Ова лето, во јуни или јули земјава ќе добие зелено светло за отпочнување преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со разногласијата дали ќе добиеме датум за преговори во јуни по извештајот на ЕК, можеби наесен поради случувањата во ЕУ каде овој месец се одржуваат избори за Европскиот парламент, но и во однос на забелешките за текот на реформските процеси во земјава, Заев вели дека реформите се максимално спроведени, сето тоа што било зацртано во Планот 18, а претходно одобрено од ЕК е завршено. Додава дека останува Законот за  јавно обвинителство за кој верува дека има напредок и дека наскоро ќе биде утврден.

-Преспанскиот договор и сето она што се случи во нашата земја е навистина сериозна мотивација да се случи тоа што го очекуваме, а ќе се случи добивање на датум за преговори, одлука за отпочнување на преговорите меѓу ЕУ и РСМ, истакна Заев.

Овие работи, додаде тој, секако зависат и од изборите за Европскиот парламент. Изборите завршуваат на 26 мај, а ЕУ на 29 овој месец го лиферува и објавува извештајот, по што тој оди на усвојување во националните парламенти во земјите членки, во кои е предвидена таква процедура.

-Можно е да се случи јуни-јули, тука да се помести, но во ниту еден случај заради нас, во ниту еден случај заради кои било други причини, освен заради тоа што ова година токму сега се случуваат изборите за Европскиот парламент, посочи Заев.

Тој истакна дека како оптимист се вратил од неформалниот самит за Западен Балкан што се одржа во Берлин, каде иако фокусот бил на одблокирање на процесот за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина и сите земји од регионот биле повикани да дискутираат за тоа, но сепак секоја дискусија почнувала и завршувала со примерот за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција, преку Преспанскиот договор.

Додаде дека не само што ќе има позитивна одлука за отпочнување преговори со ЕУ ова лето, туку земјава треба да биде горда што е посочена како пример за решавање на спор по кој треба да се водат и останатите што сакаат да надминат одредено нерешено прашање.

Поврзани новости