Владата на денешната редовна седница ја разгледа информација за состојбите со пожарите во државата, при што беше истакнато дека од 13 пожари, два се целосно изгаснати, четири се активни, а другите се под контрола. Најголем проблем предизвикува пожарот во близина на село Брезница, каде теренот е тежок и непристапен.
Како што информира владината прес-служба, само во јули се регистрирани 620 пожари.
На седницата се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари. Констатацијата е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, поради палење стрништа, пасишта и меѓи, додека во делот на намерно предизвиканите пожари, преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат.
-Пожарот кај Косел е под контрола, кај Пласница е изгаснат, изгаснат е и пожарот во делчевско, додека кај зелениковско Вражале е под контрола. Поминат е исклучително тежок период изминатите 10 дена, со 66 нови пожари, се наведува во соопштението.
На седницата била потенцирана и брзата реакција од Владата, дека по првите поголеми пожари за само неколку часа е прогласена кризна состојба, а се одговорило и на барањето за вклучување на Армијата со помош за справување на состојбата.
-Со тоа, дејствувано е во најкус рок и во тој рок е делувано оперативно на највисок степен. Нагласено беше и дека состојбата ги надмина домашните ресурси, односно тие беа недоволни за справување со огнената стихија, и веднаш од страна на Владата беше побарана странска помош односно активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита, со оглед на тешката затекната ситуација и расположливите ресурси, информира владината прес-служба.