Спасувачките екипи ангажирани во атарот на селото Доња Јабланица во Босна и Херцеговина денеска пронајдоа уште две безживотни тела, со што вкупниот број на локални жители кои загинаа во катастрофалните поплави се искачи на 15. Сабахудин Спаховиќ, кој ги координира спасувачките операции Во име на Управата за цивилна заштита на Федерацијата на Босна и Херцеговина, изјави за медиумите дека до рано попладне, во урнатините биле пронајдени тела на маж и жена. Телата ќе бидат пренесени во мртовечницата во Јабланица.
Спаховиќ потврди дека потрагата продолжува, а на терен се ангажирани околу 160 обучени лица, меѓу кои и припадници на Хрватската планинска спасувачка служба (ХГСС) кои донеле кучиња трагачи и се обидуваат да ги пронајдат телата на другите жртви.
„Ова повеќе не е спасувачка операција бидејќи нема повеќе преживеани. Сега бараме тела“, рече Спаховиќ. Се шпекулира дека во урнатините од куќите во Доња Јабланица може да има тела на десетина лица кои се пријавени за исчезнати.
Покрај 15-те загинати во Доња Јабланица, потврдени се и најмалку два смртни случаи во поплавите во Бутуровиќ Поље и три на подрачјето на Фојница. Првата од пронајдените жртви е погребана денеска во Фојница, а тоа е локалниот жител Ратко Ороза (50), кој загина во петокот кога поројот од вода го однел од патот и го потопил автомобилот во кој се наоѓал.