Условите за пребарување на теренот во Доња Јабланица денеска се нешто подобри, дождот престана да врне, па спасувачите со полн капацитет ја продолжуваат потрагата по настраданите од страшната поплава и одрон на ова место.
Сабахудин Спаховиќ од Сојузната управа за цивилна заштита рече дека има многу работи кои спасувачите ќе ги паметат засекогаш кога станува збор за Доња Јабланица, но во неговото сеќавање особено е врежана акцијата за спасување на дете веднаш по катастрофата.
Вистинско чудо е што детето ја преживеало оваа катастрофа, бидејќи го нашле под плоча тешка два тона.
„Она што ќе ми остане во сеќавање до крајот на животот, нешто што никогаш нема да можам да го извадам од мојата глава, секако е пронаоѓањето на мало дете. Живо, под плоча која мора да тежела два тона. Заедно со мештаните и сите што беа присутни, успеавме да го извлечеме детето живо и да го пренесеме во првата медицинска установа. Утрово добив информација дека детето е здраво и дека се што му треба е обезбедено“, додава Спаховиќ.
Според Спаховиќ, покрај членовите на ФУЦЗ, на терен се и спасувачи со кучиња и членови на тимот на ХУСАР од Хрватска. Ова е првиот тим кој беше ангажиран во Јабланица преку меѓународниот координативен механизам за цивилна заштита и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.
„Сега три лиценцирани кучиња работат на мртви лица на терен. Успеаа да ги откријат жртвите. На три места кучето даде сигнал и чекаме да се создадат услови, бидејќи е многу тешко да се пристапи кон тие места, да се обидеме со машини да дојдеме до потенцијални тела на жртви“, изјави Спаховиќ за „Аваз“.
Целиот регион го поврзува солидарноста, хуманоста и желбата да им се помогне на преживеаните од катастрофата во Јабланица. Со благодарност до сите што помагаат, Спаховиќ апелира дека на спасувачите во моментов им е потребна помош не во работна сила, туку во механизација.
„Не ни треба помош во луѓе, потребна ни е помош во камиони, багери, се друго што ќе ни биде од корист на терен за да почнеме да ги отстрануваме тешките последици од оваа катастрофа. Во моментот кога ќе дојдеме во ситуација да започнете со расчистување на објектите и се друго што имаме овде, потоа преку медиумите и социјалните мрежи ќе апелираме да ни помогнат во работна сила. Дотогаш ги молам сите за трпение, особено да не одат по патот по сопствена иницијатива, бидејќи така ни создаваат проблеми и нам, на полицијата и на сите други“, вели Спаховиќ.