Здравствените власти во палестинскиот град Рафа соопштија дека од вчера во израелските бомбардирања загинале повеќе од 100 цивили, меѓу кои жени и деца, а неколку стотици луѓе се ранети, пренесе палестинската новинска агенција Вафа.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека Израел извршил тешки воздушни напади, главно врз центарот на градот и дека биле погодени станбени области во близина на седиштето на палестинската организација.
Директорот на кувајтската болница во Рафах, Сухаиб ал Хамс, изјави дека болницата е полна со тешко ранети луѓе и нема доволно лекови и медицинска опрема.
Локалните извори наведуваат дека израелски авиони извршиле околу 40 напади, а цел биле бројни куќи и џамии, каде се наоѓаат раселените лица.
Шефот на Светската здравствена организација денеска повторно повика на прекин на огнот меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа.
На Светскиот самит на влади во Дубаи, Гебрејесус рече дека досегашната помош испратена до Појасот Газа, кога станува збор за медицинската опрема, е само „капка во морето на потреби кои растат од ден на ден“.
Тедрос вчера изјави дека извештаите за плановите на Израел да ги евакуира Палестинците од градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, со цел да ја прошири копнената офанзива, се крајно загрижувачки.
Тој на платформата X (Твитер) напиша дека продолжувањето на тие планови ќе има крајно катастрофални последици за 1,4 милиони луѓе кои немаат каде да одат и речиси никаде да бараат медицинска помош.