Во изминатите десет дена во Вухан се тестирани шест ипол милиони луѓе за присуство на корона вирус, а целта е да се тестираат сите 11 милиони жители на тој град, јави кинеската агенција Синхуа.
Градската здравствена служба ги повика сите оние кои не биле тестирани да се пријават до среда, за да може да се изолираат сите што се заразени и немаат никакви симптоми на болеста.
Во последните десет дена во Вухан не е пријавен ниту еден случај на Ковид-19, но со тестирањата се откриени голем број на луѓе кои се позитивни без да го знаат тоа, затоа што немале никакви симптоми.
Кампањата започна откако шест лица беа заразени во една зграда, а властите тогаш одлучија конечно да го прекинат синџирот на ширење на вирусот со тестирање на сите жители.
Во време на епидемијата, кога Вухан беше светски центар на заразата, во градот беа тестирани повеќе од три милиони луѓе, потсетува Синхуа.