Италијанците денеска ќе гласаат на, како што се нарекуваат клучни избори, во време кога Европа страда од последиците од руската војна во Украина.
Првпат во Италија по завршувањето на Втората светска војна, овие избори може да доведат на чело на владата лидер на екстремната десница, шефицата на партијата на Браќата на Италија, Џорџа Мелони.
Огромните трошоци за енергија и брзото зголемување на цените на основните производи како лебот, што се последица на руската инвазија врз Украина, тешко погодија многу италијански семејства и бизниси.
Во такви мрачни околности, Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа на Италија со неофашистички корени и програма во која се Бог, татковината и христијанскиот идентитет, се чини дека водат според предизборните анкети.
Изборите би можеле да бидат тест за тоа дали екстремно десничарските чувства зајакнуваат во 27-члената ЕУ. Неодамна, една десничарска партија во Шведска се здоби со популарност преку искористување на стравовите на луѓето од криминалот, потсетува Бета.
Главниот партнер во сојузот на Џорџа Мелони е десничарската партија Лига на Матео Салвини, која ги обвинува мигрантите за криминал. Салвини долго време е идеолошки поддржувач на десничарските влади во Унгарија и Полска.