Истанбулската полиција денеска го приведе главниот уредник на интернет страната на руската агенција „Спутник“ на турски јазик, која е финансирана од Кремљ.
„Главниот уредник на Спутник во Турција Махир Бозтепе е приведен и се наоѓа во притвор“, соопшти на Твитер главната и одговорна уредничка на агенцијата Спутник, Маргарита Симоњан.
„Полицијата упадна во нашата канцеларија во Истанбул. Уапсен е наш нов соработник…Турцијо, што се случува?“, праша таа.
Неколку часа претходно, во Анкара беа приведени уште тројца соработници на Спутник, соопшти невладината организација Репортери без граници.
Припадниците на турската полиција, денеска околу 13.20 часот влегле во просториите на Спутник во Истанбул и барале средба со претставниците на агенцијата. Во тој момент, таму биле само дежурните новинари. Полицијата рекла дека нема да го напушти објектот се додека не се сретнат со претставниците. Тие, наводно, рекле дека ги бараат поради вчера објавен напис, во кој Спутник ја нарекол покраината Хатај „украдена“, која била интегрирана во Турција во 1939 година, кога била препуштена од Франција, која тогашната Лига на народи ја овластила да управува со Сирија за да осигура неутралност на Анкара за време на Втората светска војна.
Руското Министерство за надворешни работи ги повика денеска турските власти да интервенираат и да ја гарантираат безбедноста на новинарите од руските медиуми.