Поради екстремните горештини во Индија, каде температурата надминува 50 степени, во последните три и пол месеци починале повеќе од 100 лица, а 40.000 доживеале топлотен удар, соопшти денеска Министерството за здравство.
Во последните недели, во делови од главниот град Њу Делхи измерени се 51 степен Целзиусов. Горештините предизвикаа рекордна потрошувачка на струја со многу прекини на струја, а има и голем недостиг на вода.
Многу места во северна Индија, каде температурите уриваат рекорди, поради жештините ги затворија училиштата.
Индија прогласува топлотен бран секогаш кога температурата е над 40 степени Целзиусови во рамнините и 30 степени Целзиусови во ридските предели. Главните летни месеци април, мај и јуни се секогаш жешки во повеќето делови на Индија пред монсунските дождови да донесат пониски температури. Но, топлината се зголемува во текот на изминатата деценија, често придружена со сериозен недостиг на вода што влијае на десетици милиони од 1,4 милијарди луѓе во Индија, известува Бета-АП.
Според Метеоролошката служба, годинешниот топлотен бран, кој веќе трае повеќе од три недели, веројатно е меѓу најдолгите континуирани досега во земјава.
Во средата, министерот за здравство им наложи на властите да формираат специјални единици во владините болници за да им помогнат на пациентите кои страдаат од топлотен удар.
Најголем број на смртни случаи е забележан во индиската сојузна држава Утар Прадеш, а потоа следат другите северни држави Раџастан, Бихар и Одиша, кои се најпогодени од жештините.
Главниот град Њу Делхи, исто така, е зафатен од екстремни горештини, иако кратките дождови и ветерот ја намалија температурата денеска. Градот оваа недела ја доживеа најжешката ноќ во повеќе од половина век.
Државната метеоролошка служба очекува малку одмор од горештините во следните неколку дена, но велат дека екстремните временски услови би можеле да продолжат и потоа.