Индија објави дека рекорден број луѓе починале од коронавирус во последните 24 часа, со што вкупниот број на починати достигнал четвртина милион, додека водечки виролог рече дека е прерано да се каже дали инфекциите го достигнале врвот.
Бројот на починати од ковид-19 се зголеми за 4.205, додека дневниот број на заразени се зголеми за 348.421, а вкупниот број на случаи регистрирани во Индија надмина 23 милиони, според податоци од министерството за здравство. Експертите сметаат дека официјалните податоци во голема мера го потценуваат реалното ниво на ефектите на епидемијата и дека реалниот број на починати и заразени мора да биде пет пати поголем.
Кривата на зараза во Индија може да покаже рани знаци на израмнување, но опаѓањето на бројот на новозаразени веројатно ќе биде бавно, рече Шахид Џамил, главен виролог во Индија.
„Прерано е да се каже дали го достигнавме врвот“, цитиран е во весникот Индијан експрес. „Постојат некои индикации дека случаите се стабилизираат. Но, не смееме да заборавиме дека ова е многу високо плато. Се чини дека запревме на околу 400.000 случаи на ден“.
Во Индија, со население од 1,4 милијарди луѓе, се наоѓа еден од три пријавени смртни случаи од коронавирус ширум светот, според податоците на Ројтерс. Медицинскиот персонал е исцрпен, а болниците се пренатрупани, како и мртовечниците и крематориумите. Залихите на лекови и медицински кислород се ниски.
Бруталниот втор бран на зараза со ковид-19 се прошири од градовите во малите градови и селата, уништувајќи го слабиот здравствен систем лошо опремен за кризи од вакви размери.
И во руралните делови на Индија исто така им недостасува дрво за традиционалните хиндуистички кремирања, а голем број мртви тела се наоѓаат на бреговите на Ганг што тече низ најнаселените области на северните рамнини.