Јавна тајна е дека во македонксите затвори се случуваат поголем криминал, отколку надвор, на слобода. Затворениците кои имаат пари, си го олеснуваат одлежувањето на казната, добивајќи низа погодности, од алкохол, па се до дрога, но и удобен кревет и интернет. Оние, пак, кои немаат пари, преживуваат во влага, со лебарки и мувла. Затвореници за „Фокус“ откриваат што се може да се купи, и за колку, во најголемиот затвор во државата.
Пишува: Валентина ВУРМО
Влажни и смрдливи простории од 12 метри квадратни. Ова е најчестиот опис на ќелиите во македонските затвори. Очекувано, и инвентарот е во склад со просторијата. Искршени кревети и искинати душеци, како и зарѓани тоалет, во нивна непосредна близина.
Тука, со месеци па и години, престојуваат луѓе кои се огрешиле пред законот или поради сплет на несреќни околности завршиле апсаана.
Но, не е се така црно. И тука има ќелии кои наликуваат на оние во затворите од скандинавските земји, со пристојни услови и неколку погодности, како телевизор и интернет. Тие се резервирани за оние со подлабок џеб.
„Доколку имаш пари, ќе ти донесат и од пиле млеко“. Ова е коментарот на неколкумина станари на казнено- поправните установи, кои за „Фокус“ појаснуваат дека најголемиот криминал сепак се случува зад решетките. Велат дека тука буквално се може да се купи со пари. Од мобилен телефон, до дрога и алкохол, па и жени.
Во последно време пак една од најбараните услуги е трансфер од една во друга ќелија, што може да чини од 200 па се до 1.000 евра, во зависност од погодностите.
ОД 500 ДО 1.000 ЧИНИ АПАРТМАН ВО ЗАТВОР
–Платив 200 евра за да ме сместат во ќелија во друго крило. Бев сместен со цимер наркоман, па морав да најдам начин да избегам, вели нашиот соговорник.
Тој појаснува дека најчестата причина за ваквите преместувања е да се спасиш од проблематичните цимери, како зависници од дрога, насилници или крадци.
200 евра чинело преместувањето и на друг затвореник, кој пак објаснува дека не бегал од цимерите, туку од строгите контроли во крилото, каде што било невозможно кај себе да имаш мобилен телефон, што и со закон не е дозволено.
–Во крилото каде што бев постојано се вршеа контроли и ни ги зема мобилните телефони. За неколку месеци ме зедоа дури седум телефони, кои претходно ги купив во затворот по цена од 100 до 200 евра. Вака дадов 200 евра, и отидов во крило каде чуварите не ги одземаат мобилните, вели затвореникот, сместен во најголемиот затвор во земјава „Идризово“.
Тој, комуницирајќи со нас преку социјалната мрежа фејсбук, ни појасни дека бизнисот со мобилни е еден од поисплатливите, бидејќи како што вели, најпрвин чувар им продава телефон од 100 до 500 евра, во зависност каков модел е, а потоа по неколку месеци, или недели, им го зема при претрес на ќелијата. По некое време, пак, повторно им го продава.
Сместувањето во екстра крилото, како што го опишуваат осудениците, со еден телефон, телевизор од дома, плеј стејшн, интернет, но и туширање кога и да посакаш, а не еднаш или два пати неделно, чини од 500 до 1.000 евра.
–Можеш и соба да си купиш до издржување на казната, каде место има за двајца. Ја купуваш собата и со себе си земаш цимер кој ти го бираш, појаснува соговорникот.
Оние пак што немаат пари да си го дозволат ово „луксуз“ ќе мораат ќелијата да ја делат со уште пет-шест цимери, од кои дел спијат на душеци, бидејќи нема доволно кревети.
Капацитетот на „Идризово“ е 1.600 легла, а внатре постојано има над 2.000 осуденици.
Осуденик кој затворската казна ја издржува во затворот во Штип, пак, вели дека и тука коруптивната шема е слична како и во „Идризово“. Потенцира дека кој има пари, ќе си ја одлежи казната во ќелија со пристојни услови.
–Во затворската амбуланта има две соби, и таму условите се човечки. Мирно е, тивко, па кои имаат пари си плаќаат и си седат таму на раат, по двајца, наместо по осумина како што е во останатите ќелии, вели нашиот соговорник.
МОЖЕ ДА СЕ КУПИ И АЛКОХОЛ, НО И ЖЕНИ!
Затворениците појаснуваат дека преместувањето од ќелија во ќелија и мобилните телефони се само дел од привилегиите што можат да се добијат со пари. Во секое време, за оној кој може да плати, е достапен и алкохол, но и дрога. Па така, шише виски чини пет пати поскапо отколку надвор, или околу 100 евра. По повисоки цени се продава и дрога, и тоа од марихуана до кокаин.
Но, тоа не е се. Според нашите извори од затворите, во некои од нив може да се „купи“ и девојка.
Сите затвореници, имаат право на посета од својата сопруга, како и интимна средба со неа. За одредена сума од неколку стотина евра, пак некои затвореници наводно добивале и средба со жени, кои во никој случај не би смеело да стапнат во затворот, освен ако не се осудени за проституција.
Информации дека затворите се дават во корупција и криминал стасале и до Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму додават дека осудениците најчесто се жалат на лошиот третман, а за корупцијата слушаат поретко и тоа најчесто од нивните роднини, бидејќи на средбите со претставникот од Хелсиншкиот комитет и затвореникот секогаш е присутен чувар.
-На сите им е познато дека во затворите има висок степен на корупција, односно дека речиси се може да се купи со пари. Кога еден човек е во затвор, тоа не го чини само него, туку целото семејство. Има случаи кога семејства банкротирале, заглавиле во долгови или земале кредити, за да можат да го финансираат својот близок, и да му овозможат нормални услови за живот во затворот, за да преживее. Поради катастрофалната храна, се приморани постојано да им носат и храна, а да не зборуваме за другите привилегии кои исто така се купуваат со пари, вели Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот комитет.
Таа додава дека за катастрофалните услови во кои живеат затворениците вината не ја гледа во затворите, туку во државата, поради малата сума на средства што се издвојува за еден затвореник.
Македонија дневно троши по 10 евра за затвореник, што е за десет пати поевтин затворски престој од европскиот просек.
Според анализа на Советот на Европа, Европскиот просек е 103 евра, или најмалку по шест евра за затвореник дневно трошат Ерменија и Молдавија, а рекордна сума издвојува Сан Марино, каде што дневниот трошок за затвореник е 750 евра. Втора по издвоената сума е Шведска, со 621 евро, а трета Норвешка која на ден троши по 277 евра по затвореник. Србија, пак, троши по 15 евра.
ПЕЈКОВСКИ: КОРУПЦИЈА ИМА, АМА СЕ БОРИМЕ ПОТИВ НЕА
За лошите услови во затворите постојано предупредува и народниот правобранител Иџет Мемети.
–Не е решен најгорливиот проблем во казнено- поправните установи, пренатрупаноста, што во најголема мера придонесува осудените и притворените лица да ја издржуваат казната во лоши и деградирачки услови што претставува нехуман и деградирачки третман, се наведува во годинешниот извештај за 2016 година на народниот правобранител.
Обвинувањата за криминалот кој цвета во најголемиот затвор во државата, не е изненадување за директорот Живко Пејковски. Тој појаснува дека во моментот се водат неколку кривични истраги против чувари, неколкумина веќе се осудени на затворски казни, а дел добиле дисциплински казни и парични глоби. Дури дваесетина чувари и надзорници, пак, го изгубиле работното место, поради докажана вмешаност во корупција.
–Поради вакви причини, продажба на дрога, мобилни телефони, рекет, физичко насилство и слично, во изминатиот период од работа се избркани 21 чувар, а петмина беа осудени на затворски казни. За ваквите случаи нема милост, вели директорот Пејковски.
Тој додава дека, по сознанијата за корупција добиени од затвореници или вработени, се обраќаат до обвинителството или МВР.
–Дел од кривичните пријави директно ги поднесуваме до надлежното обвинителство, а некои и до МВР, по што се спроведуваат акции за да ги фатат вработените на дело, појаснува Пејковски.
Само минатата година четворица надзорници биле осомничени за продажба на дрога, од кои еден е осуден на две и пол години затвор, а останатите постапки се уште траат.
Но, она што и понатаму е проблематично е што работните места на избрканите чувари и надзорници се уште не се пополнети. Директорот појаснува дека чекаат да се формира Влада, бидејќи тие се институција која се финансира од државниот буџет, па и за вработувањата треба да добијат согласност.
ОСУДЕНИК НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР СИ ОТВОРИЛ ПЕРАЛНА ВО ЗАТВОРОТ
Директорот Пејковски иако отворено зборува за корупцијата во затворот, сепак негира коруптивна зделка во која затвореник посочува дека и тој е дел. Имено, обвинува дека осуденик (чиј идентите е познат на „Фокус“) пред неколку месеци купил машини за перење алишта, наводно со дозвола на директорот Пејковски, и им наплаќал за користењето на останатите затвореници.
Затвореникот, револтиран, бидејќи не сакал да плаќа за перењето на алишта, преку свои роднини ја сподели оваа информација со „Фокус“, додавајќи дека осуденикот кој ги набавил пералните одлежува казна доживотен затвор, а таму се однесувал како шериф.
„Фокус“ оваа информација ја потврди уште од двајца затвореници, кои ни посочија дека ваквата услуга ги чини од 150 до 200 денари, иако треба да биде бесплатна и обезбедена од затворот.
За став го прашавме и директорот на затворот, Пејковски, кој истакна дека не е точно дека дал дозвола на затвореник да купи машини за перење, појаснувајќи дека затворот си има своја перална.
-До вас медиумите стигнуваат многу информации од затворот, но поголемиот дел не се точни. Никому не сум дал дозвола да купи перална, а во затворениот дел за кој зборувате има една централна перална, која е купена пред повеќе од 20 години, и таму се перат алиштата. Во неа работат осуденици, па и лицето кое го посочувате, па затоа ќе истражиме дали можеби им наплаќа или ги рекетира останатите затвореници, ни изјави директорот Пејковски.
Во затворениот дел на затворот, според директорот, сместени се 670 затвореници, кои користат една поголема перална, која ја нарекуваат централна. Вели дека има ред, односно се пере по спратови.
Пејковски вели дека затворениците често пати ја злоупотребуваат телефонската говорница во затворот, па до медиумите шират невистини.
Кој и да ја зборува вистината, факт е дека корупцијата и криминалот цветаат во казнено-поправните домови, па голем дел од осудениците наместо да се „поправат“, го печат занаето, па кога ќе излезат се уште поспремни и умешни во својот занает.
ВО БИБЛИОТЕКАТА НАМЕСТО ДА ЧИТААТ КНИГИ, ПРОДАВААТ ДРОГА
Поранешен станар на затворот „Идризово“, вели дека многу работи видел и слушнал додека издржувал казна од четири години. Раскажува дека бил многу среќен кога му дозволиле да работи во затворската библиотека, бидејќи таму најубаво се чуствувал.
-По неколку месеци всушност сфатив колку сум бил наивен. Се шокирав кога дознав дека во библиотеката се продава дрога, а за сето тоа да оди неприметно се користат книгите. Јас пак мислев дека затворениците, со чест на исклучоците, сакаат да читаат, вели поранешниот затвореник.
ЗАТВОРСКИТЕ КАНТИНИ ПРЕСКАПИ
Освен на условите и храната, затворениците се жалат и на цените во затворските кантини, односно посочуваат дека производите се прескапи.
–Цените наместо да бидат поевтини отколку надвор, бидејќи има некои поволности околу данокот, тие се прескапи. На пример килограм шеќер ни продаваат по 50 денари, а надвор е 33 денари. Мало чоколадо од 15 грама, кое надвор е 15 денари, тука ни го продаваат по 40 денари. Шампон –купка, кои реално чинат по 130 денари, ги купуваме по 190. И млекото е поскапо, надвор се продава по 40 денари, а тука 55 денари. Не крадат и на цигарите, сите се продаваат за неколку денари поскапо, вели револтирано нашиот соговорник од штипскиот затвор.