Педесет и една жена во моментот издржуваат казна во затворениот дел во женското одделение во затворот „Идризово“, од кои седум се за убиство. Сите заедно имаат да одлежат 315 години, или во просек нешто повеќе од шест години на затвореничка. Овие затворенички, пак, дома без мајчинска грижа, оставиле 104 деца, од кои за повеќето не е познато каде се ноаѓаат, односно каде и дали се згрижени.
Оваа статистика ја направи затвореничка, која во моментот е во „Идризово“. Таа за „Фокус“ коментира дека очигледно е дека казните што ги добиваат се премногу високи, потенцирајќи дека со помали казни се осуденичките што извршиле убиство, а со многу поголеми оние кои биле осудени за економски и финансиски криминал или измама.
-Ние не бараме амнестија, туку почитување на правото. Како може финансискиот криминал, кој во повеќето случаи не е ниту докажан, да се казнува повеќе од убиство на човек? Има затвореничка која три пати беше помилувана од претседателот (и беше намалувана казната), иако ја убила мајка си и беше осудена на шест години, а има затворенички кои за финансиски криминал се осудени на повисоки казни, од над седум години. Каде е тука правдата, прашува нашата соговорничка.
В.В.