И покрај мерките на владата на Андреј Пленковиќ за зачувување работните места, речиси 50.000 луѓе ги загубија своите работни места во Хрватска во првите два и пол месеци од кризата, според новите податоци на хрватската Служба за вработување (ЦЕС).
Според овие податоци, имало вкупно 134.717 невработени во Хрватска на 16 март, денот кога ЦЕС го смета за почеток на кризата од Ковид 19 и кога започна масовната регистрација на нови невработени.
Имено, податоците на ЦЕС покажуваат дека од 16 март до 2 јуни регистрирани се 49.936 нови невработени, а 43.885 биле отпуштени од работа.
Според податоците на ЦЕС, најголем дел од невработените се од секторот туризам и угостителство, но и од трговијата, преработувачката индустрија и другите услужни активности, во кои спаѓаат фризери, козметичари и педикири.
-Поголемиот дел доаѓаат од микро и мали компании, кои беа затворени за време на карантинот, рече економскиот аналитичар Дамир Новот. Тој наведува дека сезонското вработување исто така недостасувало, но од друга страна, немало значителни отпуштања во големите компании.
Предраг Бејаковиќ од Институтот за јавни финансии предупредува дека вработените во туризмот, угостителските и личните услуги, како и во текстилната, дрвната и автомобилската индустрија, биле најпогодени од кризата.
Економистите исто така предупредуваат дека невработеноста во Хрватска ќе продолжи да расте.