Судењето на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и другите водачи на ОВК, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи почнува денеска во 9:30 часот со воведните зборови на обвинителството и одбраната, две и пол години по нивното апсење и притворање во Хаг, каде се уште се наоѓаат.
Што се однесува до жртвите, Судот во Хаг одобри учество на оние кои докажале дека претрпеле физичка, психичка или материјална штета како директна последица на кривичното дело наведено во потврденото обвинение.
Четворицата обвинети се товарат врз основа на индивидуална кривична одговорност во шест точки за злосторства против човештвото: прогон, затвор, други нехумани дела, тортура, убиства и присилно исчезнување на лица“, се вели во соопштението.
Покрај тоа, секој од обвинетите се товари за четири точки од обвинението за воени злосторства, и тоа: незаконско и самоволно апсење и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства.
Во обвинението се наведува дека овие злосторства биле извршени од март 1998 година до крајот на септември 1999 година најдоцна на многу места низ Косово, како и во Кукеш и Чахан, во северна Албанија.
Според обвинението, тие злосторства ги извршила Ослободителната војска на Косово против стотици цивили и лица кои не учествувале во воените дејствија.