Поради зголемениот број на заразени со коронавирус, во одредени региони во Грција од денеска се воведуваат ограничувања во однос на масовните собири, а премиерот Киријакос Мицотакис за денеска закажа состанок со надлежните епидемиолози и министри.
До крајот на август е забрането одржување литии и било какви други верски манифестации со поворки надвор од црквите.
Одлуката е веќе во сила, важи до 31 август, а за физичките лица што ќе ја прекршат, предвидена е и казна од 150 евра.
Поради зголемиот број позитивни случаи во општината Абелона во градот Лариса од рано утрово се воведени дополнителни рестриктивни мерки, идентични на оние на островот Порос.
За да се спречи дополнително ширење на коронавирусот одлучено е угостителските објекти, кафулињата и слично да работат од седум до 23 часот, на маса да седат најмногу четири лица, да се откажат сите настани како што се забави со жива музика, црковни настани, пазари и слично, се забрануваат јавни и приватни собири на над девет лица, а маската е задолжителна и надвор и во затворените објекти.
Само во текот на викендот во Грција се регистрирани вкупно 353 нови случаи на ковид-19, починаа две лица, а зголемен е и бројот на хоспитализирани пациенти на респиратори.