Во Грција парламентарни избори на 21 мај

by Fokus

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги распиша парламентарните избори за 21 мај, велејќи дека сака нов почеток за да се протуркаат понатамошните реформи по четири години на чело.

Партијата Нова демократија на Мицотакис водеше значително пред левичарската опозициска партија Сириза откако дојде на власт во 2019 година, покажуваат анкетите, но железничката несреќа на 28 февруари, во која загинаа 57 лица, предизвика гнев во јавноста и го намали тоа водство.

„На земјата и на нејзините граѓани и требаат јасни хоризонти, а националните избори ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат, како што се обврзав од самиот почеток“, рече Мицотакис на владиниот состанок.

Железничката несреќа Атина-Солун, најсмртоносната во грчката историја, предизвика масовни протести поради безбедносни пропусти и недоволно финансирана и лошо одржувана мрежа, наследство од повеќедецениската финансиска криза која заврши во 2018 година, пишува Ројтерс.

Мицотакис рече дека болното и трауматично искуство од железничката несреќа само уште повеќе ги покажало недостатоците што се уште ги има земјата.

Трагедијата остави неизбришлива трага кај населението, изјави шефот на агенцијата за испитување на јавното мислење АЛКО Костас Панагопулос.

Изборите на 21 мај ќе се одржат според новововедениот систем на пропорционална застапеност. Овој систем ѝ отежнува на партијата да добие јасно мнозинство, подготвувајќи го теренот за вториот, одлучувачки круг, кој треба да се одржи „најдоцна на почетокот на јули“, рече премиерот.

„Првиот круг ќе одлучи кој ќе ја води земјата, а вториот круг ќе одлучи како ќе ја водат. Граѓаните на Грција на 21 мај ќе одлучат дали земјата ќе продолжи да бара победа во реформите“, рече тој.

Поврзани новости