Траектите во цела Грција денеска ќе останат закотвени на пристаништата поради 24-часовниот штрајк организиран од Грчката поморска федерација поради убиството на 36-годишниот маж, кој минатата недела трагично го загуби животот откако беше турнат од член на екипажот додека се качуваше на бродот за Крит, пренесуваат тамошните медиуми.
Штрајкот е закажан уште минатата седмица, а започна денеска една минута по полноќ и ќе трае во текот на целиот ден.
Оттаму велат по трагичниот случај дека за жал, уште еднаш беше констатирано дека „несоодветната имплементација на законите и регулативите кои се однесуваат на безбедноста на поморскиот превоз и на пристаништата може навистина да доведе до катастрофални резултати“.
Додаваат дека државата мора и треба веднаш и без одлагање да ги преземе сите неопходни мерки со цел заштита на човечкиот живот на море.