Во Грција беснеат пожари, метеоролозите велат дека најлошото допрва доаѓа

by Fokus

Горештините и пожарите претставуваат голем проблем за жителите на Грција, каде пожарникарите се борат да ги изгаснат поголемите и помалите пожари додека во поголем дел од земјата се очекуваат температури и до 40 степени Целзиусови.

Големиот пожар и натаму беснее во националниот парк Дадиа, во близина на границата со Турција. Станува збор за едно од најголемите шумски подрачја во југоисточна Европа.

Втор голем пожар беснее на јужната страна на островот Лезбос. Силите на цивилната одбрана наредиле евакуација на жителите на селото Ватера. На Лезбос се пратени и дополнителни пожарни единици за да помогнат во гасењето од копно.

Грчкото државно радио јавува дека помали пожари горат и на полуостровот Пелопонез. Според информациите на припадниците на Цивилната заштита, во борбата против огнената стихија на разни подрачја во Грција учествуваат голем број на грчки противпожарни авиони и хеликоптери.

Според прогнозите, сушата и високите температури ви идните неколку дена ќе ги зафатат речиси сите делови на Грција, создавајќи „совршена позадина” за нови пожари, предупредиле грчките метеоролози.

Во централниот дел на Грција температурите во саботата во раните утрински часови изнесувале и до 38 степени Целзиусови, а термометрите во попладневните часови во некои делови на земјата би можеле да покажуваат вредност од повеќе од 40 степени, предупредил грчкиот метеоролошки завод.

На почетокот на следната недела во Грција се очекуваат уште повисоки температури, а метеоролозите велат дека незапаметениот бран на горештини би требало да потрае до почетокот на август.

Поврзани новости