Во грчкиот Парламент, во тек е процесот за формирање парламентарна Група за пријателство Северна Македонија – Грција, а до пратениците веќе бил испратен допис, оние кои што сакаат да се пријават за учество во групата, дознава дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за избор на пратеници од грчка страна, кои заедно со нивните македонски колеги од Собранието, ќе бидат дел од Групата за пријателство Северна Македонија – Грција.
Пракса е во ваквите парламентарни групи да учествуваат пратеници од сите партии што се дел од грчкиот Парламент. Останува, во текот на следниот период, а според информациите на МИА, можеби дури и во текот на следната седмица да биде познат составот на грчката група и од кои партии ќе бидат нејзините членови.
Според информациите на официјалниот сајт на грчкиот Парламент, парламентарните групи за пријателство „се формираат со одлука на Претседателот на Парламентот, по писмено барање од пратениците“, во групите учествуваат, „по можност, пратеници од сите пратенички групи“, а „предмет на парламентарните групи за пријателство е зајакнување на парламентарната дипломатија на меѓународно билатерално ниво“.
Бурнус: Групата за пријателство е уште еден чекор во градењето доверба и соработката меѓу двете земји
Пратеникот од СИРИЗА, Јанис Бурнус, кој беше дел од грчката делегација во Скопје, предводена од тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, во разговор со дописничката на МИА од Атина, коментира дека оваа разврска е исклучително важна и позитивна, „особено ако се земе предвид дека доаѓа од влада која до изборите се бореше против Договорот од Преспа“ и открива дека лично тој, сигурно ќе се пријави за да бидат дел од групата.
-Штом завршиме со разговорот, ќе одговорам на мејлот дека би сакал да бидам во оваа Група за пријателство, особено ако земеме предвид дека со Алексис Ципрас како премиер, кога го посетивме Скопје и Собранието,се сретнавме со луѓе кои веќе имаа формирано група за контакт со Грција и не прашуваа кога ќе се формира истата таква група во грчкиот Парламент. Тоа е разврска која ја чекавме, тоа е уште еден чекор во градењето доверба и соработката на двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, вели Бурнус.
Во однос на тоа какви се неговите очекувања за составот на групата, пратеникот од СИРИЗА, изразува надеж дека ќе има претставници од сите партии, со исклучок на Грчко решение, која е радикално десничарски ориентирана.