Вчера во Кавадарци се состанаа градоначалниците на Кавадарци, Неготино, Велес, Росоман, Демир Капија, Градско, Свети Николе, Лозово и Чашка, и го потпишаа договорот за изградба на регионален центар во кој ќе се згрижуваат и третираат бездомни животни од регионот.
Центарот ќе се гради во Глишиќ, Кавадарци, и треба да биде комплетно завршен за шест месеци. Проектот изнесува над 240.000 евра, обезбедени од Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа. Општините ќе обезбеделе и дополнителни средства за оперативни трошоци за функционирање на центарот.
-Во Кавадарци е потпишан Договор за изградба на Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарскиот плански регион помеѓу ЦРВПР и изведувачот на работите АС Машини Кавадарци.
Локацијата на објектот е во населба Глишиќ на површина од 5470 м2. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14.892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119.385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерството за локална самоуправа.
Согласно динамиката за изведување на градежните работи, целиот проект треба да биде готов во наредните шест месеци.
Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштата на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства за оперативни трошоци за работење на центарот-информираат од Општина Кавадарци.
Вики Клинчарова