Таблото со матуранти на гимназијата „Св. Наум Охридски“ од Македонски Брод на кое има повеќе наставници од ученици, а кое масовно се споделува на социјалните мрежи, ја покажува вистинската слика за трендот на намалување на ученичките паралелки и иселувањето во поголемите македонски градови на граѓаните од овие мали градови, но и во странство, пренесе „А1он“.
Во училиштето има две паралелки од четврта година, едната по гимназиско образование во која ќе матурираат осум ученици, а втората е по угостителство и туризам. Во оваа паралелка класниот ќе им подели дипломи на само три ученици.
11 ученика, 2 смера. Во едниот заедно со учителот вкупно 4 ученици.
Повеќе професори од ученици
Жална е оваа Македонија pic.twitter.com/aVRQhYCeR0— Авангард (@djamadanceto) May 5, 2023
Надзорот на инспекторите од образование покажал дека во училиштето сите активности се одвиваат според наставни планови и програми. Во извештајот никаде не е е наведено дека се намалува бројката на ученици, ниту што е причината за немањето интерес за запишување во Брод на сметка на другите средни училишта во Битола и Кичево, иако се водени состаноци со училишниот одбор, советот на родители и со фокус група на ученици.
„Според спроведените анонимни анкети, разговорите водени со фокус групите и извршените посети на часовите, училниците и другите простории во училиштето се соодветни за бројот на ученици во паралелките и претставуваат стимулативна средина за учење. Училишниот простор е безбеден за изведување настава, а училиштето е целосно оградено. СОУ „Св. Наум Охридски“ – Македонски Брод, располага со една училишна зграда во кој се изведува наставата и се наоѓа во централниот дел на Македонски Брод, на левата страна од реката Треска и регионалниот пат Кичево – Македонски Брод – Прилеп, а во непосредна близина на основното училиште и Здравствениот дом. Во најголем дел ги опфаќа учениците од општините Македонски Брод, Пласница и Долнени“ – стои во евалуацијата на Државниот просветен инспекторат.