Во текот на изминатото деноноќие, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите од страна на МВР се ангажирани околу 650 полициски службеници.
Од МВР денеска соопштија дека меѓу нив се и припадници на сите специјални единици на полицијата, а реализирани се 221 мото-патроли и користени 163 возила.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.
– Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец. Потсетуваме дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. Укажуваме дека е неопходна максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец, се наведува во соопштението од МВР.