Француската полиција уапси француска новинарка поради нејзината приказна од 2021 година во која се тврди дека Египет користел француско разузнавање за цел и убивање цивили. Полицијата вчера изврши претрес во куќата на новинарката, а подоцна ја приведе. Нејзиниот адвокат потврди дека Лаврил е сослушанa како дел од истрагата за закани по националната безбедност.
Амнести интернешнал Франција го осуди апсењето.
-Ние сме многу загрижени. Приведувањето на новинарка за вршење на нејзината работа, згора на тоа, за откривање информации од јавен интерес, може да претставува закана за слободата на печатот и доверливоста на изворите, рече Катја Ру од Амнести.
Наводно, Лаврил е испрашуванa од полицајци од француската разузнавачка служба – Генералниот директорат за внатрешна безбедност.
Нејзината приказна од 2021 година користела доверливи документи за да докаже дека египетските власти користеле француско разузнавање за бомбардирање и убивање на шверцери на египетско-либиската граница помеѓу 2016 и 2018 година, јавува Би-Би-Си.
Приказната ја објави Дисклосе, француски сајт за истражувачко новинарство, кој објави тврдењата дека персоналот во неколку воени оддели ги информирал француските власти за развојот на настаните, вклучувајќи ги и претседателите Франсоа Оланд и Емануел Макрон, но дека нивната загриженост била игнорирана.