Во Франција илјадници полицајци се на улиците, поради протестите за убиениот тинејџер

by Fokus

Ситуацијата во Франција, особено околу Париз, каде полицаец во вторникот уби 17-годишно момче кое одби да ги послуша наредбите, останува напната.

Немирите се шират во Франција, особено во париското предградие Нантер, каде илјадници граѓани маршираат во спомен на убиениот тинејџер Нахел, а на чело на колоната е неговата мајка.

Полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите кои се обиделе да го запалат француското знаме, јави „Анадолија“

Марширајќи низ улиците на градот, демонстрантите извикуваа слогани како „Правда за Нахел“ и укажаа на полициската бруталност.

Голем број луѓе се собраа и пред судот во Нантер, пишува францускиот весник „Ле Фигаро“.

Обвинителот на Нантер, Паскал Праше, претходно на прес-конференција рече дека не се исполнети законските услови за употреба на оружје при пукање на тинејџер во Франција.

„Обвинетиот полицаец е упатен кај двајца истражни судии за убиство со умисла“, рече Праше.

На распитот полицаецот рекол дека сакал да го спречи тинејџерот повторно да избега.

Обвинителот рече дека аматерските и видеоснимките од надзорот ги потврдуваат изјавите на полициските службеници. Обдукцијата покажала дека тинејџерот бил застрелан еднаш и дека куршумот му поминал низ левата рака, а потоа низ градниот кош.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин изјави  дека 40.000 полицајци, вклучително и 5.000 во Париз, ќе бидат распоредени ширум Франција вечерва за можни демонстрации.

Смртта на Нахел М. во Нантер, исто така, донесе луѓе на улиците вчера во неколку делови на земјата, вклучувајќи ги Нантер, Лион, Лил, Тулуз и Вири-Шатијон.

Тие запалија возила, канти и јавен имот, а во градовите Тулуз и Лил фрлаа камења кон полицијата, која одговори со солзавец за да ги растера.

Обвинителите тврдат дека Нахел бил убиен од полицијата откако ги прекршил сообраќајните закони и не застанал. Полицаецот (38) кој го уби Нахел е приведен од Генералниот инспекторат на националната полиција (ИГПН) во рамки на истрагата за намерно убиство.

Бројот на уапсени учесници на протестот се зголеми на 150.

Поврзани новости