Употребата на фосилни горива за производство на електрична енергија во Европската унија е намалена за 17 отсто во првата половина на 2023 година во споредба со истиот период лани, покажува истражувањето објавено денеска. Португалија, Австрија, Бугарија, Естонија и Финска забележаа намалувања за повеќе од 30 отсто, според студијата на енергетскиот тинк-тенк “Ембер“.
Во други 11 земји-членки на ЕУ, производството на електрична енергија од фосилни горива е намалено за повеќе од 20 проценти. Европската унија произведе само 33 отсто од електричната енергија од фосилни горива во првата половина од оваа година, што е најмалку од 1990 година, се наведува во студијата.
Ова главно се должи на високите цени на јагленот и гасот, намалената побарувачка и проширувањето на производството на обновлива енергија, според тинк-тенкот.
Производството на сончева енергија во ЕУ се зголемило за 13 отсто во првата половина на 2023 година во однос на истиот период лани, додека производството на ветер е зголемено за 4,8 отсто.
Но, Мет Евен, аналитичар во „Ембер“, смета дека ова е недоволно.
„Треба да видиме чиста енергија што побрзо ги заменува фосилните горива. Итно е потребен огромен поттик, особено за соларните и ветерните, за да се поддржи отпорната економија низ Европа“, рече тој.