Во експлозија оштетен каналот што ја снабдува Косовска Митровица со вода, Курти ја обвини Србија за терористички напад

by fokus

Силна експлозија што синоќа одекна во селото Варага во општина Зубин Поток во Косово оштети дел од каналот Ибар-Лепенац, поради што беше прекинато снабдувањето со вода за пиење. Грачаница и околните места добија струја по неколкучасовен прекин.

Со вода од овој канал се снабдуваат и две важни електрани на јаглен кои обезбедуваат струја за речиси целата земја. Премиерот Албин Курти ја обвини Србија за она што го нарече терористички чин. Нема информации дека има повредени и што ја предизвикало експлозијата.

„Ова е криминален и терористички напад со цел да се уништи нашата инфраструктура“, кажа Курти.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека ова е дело на српски криминални банди, без да изнесе докази.

Локални жители кажаа дека слушнале детонација, додека директорот на каналот Ибар-Лепенац Фарук Мујка кажа дека можеби станува збор за диверзија.

„Постои можност дека некој поставил експлозив, што очигледно би бил намерен напад, не може да биде ништо друго“, рече Мујка, додавајќи дека штетата се санира и дека полицијата го презела случајот.

Локалните медиуми објавија фотографии кои покажуваат дека дел од каналот е уништен и од него истекува вода.

Косовската полиција вчера објави дека ги засилува безбедносните мерки откако беа фрлени гранати врз полициска станица и општинска зграда во северно Косово. Не е познато дали сите овие инциденти се поврзани.

Поврзани новости