Фосил на досега непознат вид кит, кој живеел пред околу 41 милион години, откриле палеонтолозите во Египет.
Китот Tutcetus raianensis, долг само 2,5 метри, е најстариот член на овој вид кој живеел во океанот, објави Гардијан. Според експертите, овој морски цицач можеби имал краток и брз живот.
Истражувачите велат дека ги откопале фосилите во близина на Вади ел Хитан во Египет, каде што може да се најдат многу фосили од антички китови. Тие рекоа дека на почетокот не било јасно што пронашле.
Проф.Хешам Салам, основач на Центарот за палеонтологија на ‘рбетници на Универзитетот Мансура (MUVP), рече дека тимот првично пронашол еден заб во блок од варовник кој датира од еоценот, период кој траел од 55,8 до 33,9 милиони години.
„Потоа, кога се обидувавме да го поправиме и да го исчистиме целиот талог над фосилот, откривме дека тоа не е нешто што обично е од тој временски период“, рече тој.
Китот го добил името Tutcetus raianensis, по египетскиот фараон Тутанкамон, во спомен на откривањето на гробницата на фараонот пред еден век и областа Вади ел Рајан во Египет, каде е пронајден фосилот.