Во ДУИ преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските, вели за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи. Според него, партијата сè уште нема официјален став во однос на ова прашање, но се прават, како што вели, координации на дневна основа и сите опции се отворени. За ДУИ, сепак, се прифатливи двете варијанти, вели Османи.
„Во ДУИ преовладува малку ставот дека, заради логиситички, финансиски и административни причини, треба можеби заедно да се оди. Но, нема сè уште утврден став бидејќи не заседавале официјално телата на партијата. Јас очекувам во текот на месецот да се завршат тие состаноци, но сепак преовладува мислење дека на три месеци, два изборни циклуса, премногу ќе ја чинат државата. Не само финансиски туку системот се парализира“, рече тој.
На прашањето за претседателски кандидат, Османи вели дека ДУИ се уште нема прецизирано дали ќе настапи со свој. Ги разгледуваат двете варијанти и ќе се позиционираат во зависност од тоа дали ќе има заеднички избори, додава тој.