Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Пропуштени политички моменти за решавање проблем не се повторуваат. За некои народи кои имале или сè уште имаат проблеми, велат дека никогаш не пропуштиле шанса да пропуштат шанса. Конечно, и повеќето југословенски народи пропуштија бројни шанси за мирно решавање на своите спорови и дозволија да им се случи војна.
Учествувајќи во најновата емисија на Ал Џазира, посветена на првиот македонски претседател Киро Глигоров, Милан Кучан, првиот словенечки претседател, вели дека планот Глигоров ‒Изетбеговиќ го содржел она што претходно Словенија и Хрватска го предлагале: некоја форма на конфедерација. Но, напомнува тој, кога тие го предложиле, нивниот план бил отфрлен од Србија, за подоцна да биде предоцна планот да се прифати во Словенија и во Хрватска.
СЕ ПРОПУШТИ ШАНСАТА ЗА МИР
Имено, заклучува Кучан, пропуштениот момент во политиката значи неможност работите да се вратат назад: реалните настани на теренот толку одминале во насока на конфликт, што враќањето назад не било возможно. Кога почнаа воените конфликти, беше веќе предоцна за такви мирољубиви решенија. Тоа се виде и на Конференцијата за Југославија што ја организираше Европската заедница.
На крајот од Конференцијата, во една поинаква, полабава форма беше предложено токму нашето решение, решението на Глигоров и на Изетбеговиќ: асоцијација на суверени држави по углед на Европската Унија. За жал, настаните ги претркаа добрите предлози со кои можеше да се избегне војната, па се случи големата трагедија, пред сè, во Босна и Херцеговина.
Додека ние, поддржани од ЕЗ и од САД, на конференциската маса, под претседателство на лордот Карингтон, дебатиравме, во оваа поранешна југословенска република се слеваше целото оружје повлечено од Словенија и од Хрватска. На теренот се правеа подготовки за војна. На крајот, тоа и се случи. Така се пропушти можноста за мир.
Новата македонска држава, родена на мирен начин, сепак пропушти многу шанси да го реши својот главен проблем во време кога ентузијазмот за проширување на ЕУ беше голем, а решение како она од Преспа можеше да нѐ лансира директно во преговори и во членство. Денес, новата реалност бара да се приспособиме на ситуацијата без да се откажеме од стратешката цел, членството во ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави некни дека ќе блокира секакво проширување откако институциите на ЕУ покажаа неспособност да се договорат за избор на раководниот кадар на Унијата. „Одбивам секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ“, вели претседателот на Франција.
УСЛОВИТЕ СТАНУВААТ СЀ ПОТЕШКИ
Доколку истрае на својот став, а имајќи го на ум неговиот план за јакнење на институциите на државите на Западен Балкан и нивното економско поврзување пред отпочнување на преговорите, така и ќе биде, македонската политика ќе мора добро да се погледне себеси. Да се погледне себеси не како СДСМ или ВМРО, ДУИ или Алијанса, туку онака како што нè гледаат странците: како демократски политички систем.
Откажување од нашата стратешка цел не е возможно, па веројатно ќе им се исполни желбата на сите оние во Македонија кои велеа дека ние самите можеме да „се европеизираме“ и без да правиме тешки компромиси. Лично мислам дека тоа ќе биде многу тешко и дека е потребно нашите партии и нашата државна администрација да се впрегнат во колата на ЕУ преку отворање преговори, но одлуката не е наша, туку е од доменот на надворешната политика на други земји.
Да, точно е дека условите за отпочнување преговори за членство стануваат сè потешки. Како што е точно и дека ние доцневме со решавањето на почетниот услов без кој беше незамисливо членството – решение на проблемот со Грција, членка на Сојузот. Велам, само со тоа решение, во добрите времиња на Унијата, ќе се лансиравме далеку, но ситуацијата на теренот е променета.
Какво треба да биде нашето поведение? Да не губиме време во конфронтација. Си спомнувам на една седница на Владата на Македонија на почетокот од деведесеттите, на која зборував за условите кои ни се поставуваат на патот кон ЕУ. Тоа беше време кога имавме министерства во кои немаше луѓе што знаеја англиски, ниту свест кај министрите дека треба да ја следат својата област и низ призмата на идните европски реформи кои ќе мора да ги направи Македонија.
На таа седница некој, во реплика кон моето кажување за тешките услови кои ни се поставуваат, кажа една запрепастувачка мисла: ако ЕЗ продолжи да ни поставува невозможни услови, а „името“ се сметаше за таков услов, ќе им направиме една војна тука, па нека се мислат… Се разбира, јас реагирав дека ним баш им е гајле и дека ние сме тие кои треба да се грижиме за нашиот мир. И се заврши на тоа.
ПРОМЕНЕТИ МЕЃУНАРОДНИ ОКОЛНОСТИ
Изминативе недели се потсетив на настанот слушајќи некои наши политичари како ја користат истата логика на заплашување. Имено, дека недобивањето датум ќе значи губење на европската перспектива и продор на руско или кинеско влијание. Се разбира, во прашање се и кариерите на нашите политичари, но тие треба да знаат дека со решавањето на спорот со името и со членството во НАТО направија колосална работа за државата без оглед дали покрај НАТО ќе „ја добијат“ и Унијата сега во октомври.
Реалностите на меѓународната политика се такви што волјата на Америка да се придружиме на НАТО беше одлучувачка, како што, се плашам, волјата на Франција може да биде одлучувачка да не почнеме преговори со ЕУ. Иако нашите политички репрезенти треба докрај да се борат за датум за почеток на преговори, зашто таква е дипломатската игра, јавноста треба да знае дека нема да пропадне државата ако тоа не се случи.
Државата може да пропадне од внатрешно неединство, од слаби демократски институции, од отсуство на владеење на правото или од затворање на европските перспективи од страна на држави членки на Унијата. Но, ова последново не е нивен став. Тие велат дека перспективите ни се отворени и предлагаат поддршка за темелни подготовки. Тоа, во основа, е планот на францускиот претседател Макрон од пред некој месец.
Иако лично би сакал да е поинаку, имено, планот да се реализира паралелно со отпочнување на преговори, зашто сметам дека е опасно Македонија да остане надвор од процесот на преговори, јасно е дека променетите меѓународни околности најверојатно одново ќе бараат од нас да се приспособиме. Исто онака како што се приспособивме на барањата на Грција и се приспособуваме на барањата на Бугарија.
Затоа партиите да не ги влечкаат нозете, туку брзо и ефикасно да го менуваат своето поведение кога се работи за изградба на нашите демократски институции оти, колку утре, при нови промени во меѓународната политика, условите можат да станат уште потешки.
Убав совет, би рекол некој, но што да се прави со оние политичари во опозицијата чијашто логика почива врз начелото „Што полошо за државата, тоа подобро за нас“ на наредните избори? Е, тука веќе никој од надвор не ни е крив.