Во Делчево синоќа и утрово продолжи испумпувањето вода од подрумите на луѓето, како резултат на поплавите од невремето кое вчера попладне го зафати градот.
Доцна синоќа помош на луѓето им пружаа пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и М.Каменица кои се одзваа на повикот на градоначалникот на Делчево Горан Трајковски и колегите од ТППЕ Делчево и помогнаа во санирање на последиците од невремето.
Во невремето поплавени беа голем број куќи во пониските делови од градот, а најзагрозени беа жителите од населбата Пролет чии куќи поради излевањето на река Габровчица пливаа под вода. Поплави беа регистрирани и на улицата Царевоселска, Булевар Македонија, во населбата Студена Чешма и други населби. Од поплавите и невремето нема човечки жртви и повредени.
Страницата „Делчево 365.мк“ синоќа објави видео дека се поплавени и просториите на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во овој град.
Освен пожарникарите ноќеска на терен беа и вработени во комуналното претпријатие кои со механизација расчистуваа дел од наносите на патната мрежа.
Градоначалникот Трајковски синоќа информираше дека ставени се во функција сите расположливи ресурси но за целосно справување со последиците ќе биде потребна и поголема поддршка.
Апелираше загрозените граѓани да ја пријавуваат состојбата на дежурниот телефонски број. Тој рече дека се надева дека во текот на денешниот ден работите ќе бидат ставени под целосна контрола.