По секое пукање или убиство, политичките партии бараат министерот за внатрешни работи што е на власт да даде оставка. По неколку обиди за убиство во Скопје, опозицискиот СДСМ веднаш побара оставка од Тошковски. Но, фактите се дека криминалните банди се „истребија“ меѓу себе, а истражните органи не успеаја да расветлат ниту едно мафијашко убиство.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
„Со Панче Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок, се случува хаос. Ако Тошковски ја сака Македонија, ќе поднесе оставка. Бараме оставка од Тошковски веднаш“.
Ова е барањето што опозицискиот СДСМ го испорача откако во пукање во Чаир беше повредено младо момче. Деветнаесетгодишниот Адис Бела заврши во болница кога кон него било пукано од сив „пасат“. Сторителот избегал, а повредениот, кој неофицијално бил сторител на тешки кражби, сѐ уште закрепнува.
– Со Тошковски на чело на МВР досега има над 20 случаи на употреба на огнено оружје или остар предмет, околу 10 убиства и обиди за убиства. Се случи убиство на бизнисмен кај Мавровка, обид за убиство во Арачиново, убиство на доктор во населбата Железара, пукање и убиства во Синѓелиќ, во Чаир, Батинци, Тетово, на Пластичарска улица… И нема разврска на овие инциденти, ниту на убиствата. Едвај еден случај е расчистен, тврди СДСМ.
Вакви барања за оставка на министер за внатрешни работи стигнуваат на адреса на секоја власт кога ќе зачестат пукањата и убиствата по улиците, а ги има кој и да е на власт.
Па, сегашниот министер има материјал да им врати на претходниците. Овие барања, актуелниот Тошковски ги нарече очајни, некрофилски обиди на СДСМ за манипулација на народот, за да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништување на безбедносниот систем што го оставиле зад себе.
– Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години, каде што скандалите се редеа еден по друг. Нивните владејачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси.
Пукањата во „Ист гејт“, каде што криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во „Шиша Бар“ и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена.
Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот – врати Тошковски.
Сепак, бројот на убиства и обиди за убиства, како што објаснуваат експертите, нормално дека не зависи од тоа која политичка партија е на власт.
НЕКАЗНИВОСТА ТРИГЕР ЗА ПРЕСМЕТКИТЕ
– Кога се анализираат кривичните дела „убиство“ или „убиство во обид“, мора да имате предвид дека тие во ниту еден период не може да ги поврзуваме со политиката и со политичките партии. Овие кривични дела, во најголем процент, во кој било период, не само од осамостојувањето на Македонија, туку и во претходната држава, над 90 проценти се кривични дела, кои се сторуваат од познат сторител – вели за „Фокус“, поранешниот помошник-директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески.
Според него, тие дела во најчест случај се случуваат поради нарушени семејни односи, нерасчистени имотно-правни односи, семејни насилства или во помал дел станува збор за крвни одмазди на кои им претходеле некои убиства од овие причини.
Како што објаснува тој, многу мал процент на убиствата се пресметки на организираните групи, кои постојано се борат за превласт и контрола на одредени територии.
Всушност, тие се борат за територии за трговија на дрога на големо, наркоманија, проституција, рекет, изнуди. Овие убиства или обид за убиства најчесто се извршени од непознат сторител, а речиси сите остануваат нерасветлени.
– Најголемиот дел од доказите се уништуваат. Се палат возила употребени за доаѓање и одење од лице место со цел уништување на ДНК траги, се фрлаат или механички се уништуваат оружја и други предмети за сторување на делото, најчесто во реки или езера, па дури се можни и ликвидации на сведоци или соучесници што би се одлучиле да соработуваат со полицијата – вели Ѓурчески.
Токму во овие криминални пресметки се гледа и спрегата на криминалците со политичките елити, кои им гарантираат неказнивост.
Според статистиките што ги објави министерот Тошковски, во 2023 година, последната година на владеењето на СДСМ, имало 23 убиства, од кои 2 се нерасветлени, додека во 2024 година до октомври имало 16 убиства, од кои, исто така, 2 се нерасветлени.
– Овие податоци покажуваат дека ситуацијата, не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства – тврди Тошковски.
Според Ѓурчески, неказнивоста почнала во 2017 година, особено по нападот на полицајката кога тогашниот припадник на ДУИ, Бекир Асани ја нападна, но не беше казнет, туку во јавноста остана констатацијата од надлежните дека полицајката сама се удрила во пајакот.
– Криминалните групи ги презедоа улиците и извршија поголем дел убиства и насилства на јавни места и трговски центри, каде што ја загрозуваа безбедноста на граѓаните.
Сето тоа се должи на високиот степен на партизација на МВР, високиот степен на корупција и спроведување реформи, во насока на ограничување на дејствувањето на полицијата, во смисла на нејзина пасивизација и нарушување на конспиративноста и нарушување на тајноста на истрагите – вели Ѓурчески, но тврди дека поголем број убиства имало во време на владеењето на СДСМ и ДУИ, односно од 2017 година.
„Фокус“ правеше хронологија на криминалните пресметки и, според нашето истражување, криминалните банди почнале да се формираат уште во деведесеттите години и од тогаш не престануваат.
А во скопското подземје имаше два клана, кои од убиството во „Шиша бар“ веќе се безмалку обезглавени, „Дуќанџик“ и „Беланоца“.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.