Во четврток Русковска конечно ќе добие засилување од пет обвинители

За испразнетите пет места во трка се 10 обвинители кои конкурираа на огласот кој заврши на 1-ви декември.

by fokus

На 10 март Советот на јавните обвинители закажа седница на која ќе треба да се изберат обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Донесување на одлука за избор на пет јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, се наведува како петта точка на дневниот ред, на седницата закажана за во четврток.

Веќе еден месец Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција работи со пет обвинители помалку, на кои 4-годишниот мандат им истече на 1 февруари. Неодамна шефицата на Организиран, Вилма Русковска, во изјава за „Фокус“ истакна дека функционираат многу тешко, а на судења од 1 февруари одат само обвинителите кои се со мандат.

За испразнетите пет места во трка се 10 обвинители кои конкурираа на огласот кој заврши на 1-ви декември. Меѓу нив се оние обвинители со истечен мандат, Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.

Останатите петмина кандидати се обвинителите: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.

Во април минатата година, пак, ова обвинителство го засилија петмина обвинители и тоа Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство-Струмица и Катерина Коларeвиќ од ОЈО-Скопје.

Валентина Вурмо

Поврзани новости