Пресудата за обвинетиот Марјанчо Велев (54) од струмичкото село Добрејци, кој е обвинет за убиство извршено на 7 мај лани врз струмичанецот Ристо Иљашев, ќе биде соопштена в четврток во Основниот суд во Струмица.
Одлуката ја донесе судијката Цона Калемерникова, откако денеска заврши последното рочиште и беа дадени завршните зборови на обвинителството и одбраната на обвинетиот.
Според обвинението, Марјанчо Велев се товари за убиство при што од зад грб пукал со малокалибарско оружје од непосредна близина во главата на Иљашев и потоа неговото тело го завиткал и го фрлил во браната „Турија“, затворено во метално буре, во кое ставил тегови и го исекол со секира за да може да пропадне во водата.
Застапникот на обвинението, обвинителката Надица Василева, побара од судот да го прогласи обвинетиот Велев за виновен и да му изрече соодвета казна за стореното дело, бидејќи тој бил пресметлив и свесен за извршеното дело. Обвинителката изнесе повеќе докази во завршниот збор, а беше објаснета и траекторијата на движењето на Велев на денот на убиството регистрирана од безбедносни камери од повеќе објекти.
Според адвокатите на Велев, обвинителството нема докази дека тој е извршител на убиството врз Иљашев, бидејќи меѓу другото нема пронајдено барутни честички кај него, ниту пак е направена парафинска ракавица.
Адвокатите Зоран Молчанов и Душко Јанковиќ побараа од судот да донесе ослободителна пресуда за нивниот клиент и како што рекоа, можниот убиец на Иљашев може се шета низ Струмица или надвор од државата, а му се суди на невин човек.
И обвинитетиот Марјанчо Велев во својот завршен збор рече дека е невин посочувајќи дека „сам човек не може тоа да го направи“.
-Сам човек да го симне бурето долу и да го фрли е невозможно и тоа можат да го направат минимум двајца или тројца. Мене совеста ми е чиста. Господ ми е над мене. Ниту сум пукал, ниту сум убил. Не можеш да убиеш човек без оружје и без парафинска ракавица, рече обвинитетиот Велев во својот завршен збор.
Полицијата го сомничи Велев дека е сторител и на уште едно убиство врз шеесет и двегодишниот А.М.,извршено на 9 октомври 2018, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август лани. За овој случај ОЈО Струмица се уште нема покренато обвинение.