Во четврток единствено Констракта ќе пее на мајчин јазик, Андреа го избрала англискиот оти сакала да ја надмине Евровизија

by fokus

Српската евровизиска претставника Констракта ќе биде единствената учесничка во втората полуфинална вечер на настанот, во четврток, која ќе пее на мајчин јазик. Како што појасни пред медиумите во Торино, песната е доволно впечатлива, така што не е важно што нема делови на англиски јазик во неа.
Македонската претставничка пак, Андреа Коевска, уште кога беше избрана да ја претставува земјата, во интервју за ,,Фокус” раскажа дека песната е снимена на англиски јазик и така и ќе остане.

Како што појасни тогаш, сакала да ја надмине Евровизија и да биде македонска претставничка во светот, бидејќи не требало да ги затвораме мислите за надворешниот свет.

-Песната е снимена на англиски јазик и така и ќе остане. Една песна се одликува со мелодија и текст, и тие заедно имаат една заедничка задача – да пренесат некаква порака, да разбудат емоција. Да бидеме реални, кога ќе се направи превод од англиски на македонски, и ќе се постават слоговите по тактови, првичната смисла и замисла се губи.
Имаме мал милион докази за ова. Ја сакам Македонија со цело срце и ги сакам јазикот и културата. Но, сакам да ја надминам Евровизија и да бидам македонската претставничка за светот. Не може постојано да ги затвораме мислите и срцата кон надворешниот свет, туку треба да му ја донесеме националната перспектива на јазикот кој светот го разбира- изјави таа во интервјуто кое го објавивме во февруари.

Последен пат кога наш претставник пееше на македонски јазик на Евровизија беше во 2016 година, кога настапи Калиопи со песната ,,Дона”.

Околу тоа дали по скандалот со знамето кој го окупира вниманието на јавноста, Андреа ќе биде повлечена и нема да настапува на Евровизија, од МРТ се уште се немаат огласено и ја немаат соопштено финалната одлука.
Како потсетување, од јавниот сервис се огласија со осуда за, како што го нарекоа, скандалозното однесување на Андреа, и соопштија дека ја разгледуваат можноста за нејзино повлекување од Евровизија.
Вчера, на прашањето на ,,Фокус” кога ќе биде донесена конечна одлука, од МРТ кратко одговорија дека ќе има соопштение за јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости