Во чанта на велешанец полицијата пронашла 300 грама хероин

by fokus

Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против А.С.(29) од Велес осомничен дека извршил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

На ул.„Сава Михајлов“ во Скопје на 10.09.2018 година во 19.30 часот полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Матиз“ со велешки регистарски ознаки, кое било паркирано на тротоар, како и проверка на идентитетот на возачот.

– Во тоа време дошол и пријавениот А.С., кој, исто така, бил легитимиран и бил извршен преглед на неговата чанта. При прегледот, во чантата биле пронајдени три пакувања со околу 300 грама хероин, една кеса со 285 грама мешавина од кофеин и парацетамол и едно пакување со околу 10 грама кокаин и два мобилни телефона, соопшти денеска МВР.

Лицата биле лишени од слобода и донесени во Полициската станица Гази Баба, по што возачот бил пуштен, а А.С. бил задржан за понатамошна постапка. Предметите се одземени, стои во соопштението, и по извршеното вештачење, во координација со Основното јавно обвинителство, против А.С. е поднесена кривична пријава.

Поврзани новости