Во бродолом во Италија загинаа 41 мигрант

by Fokus

Најмалку 41 мигрант загинаа откако мал брод, кој испловил од Сфакс, Тунис, се превртел и потонал додека пловел во Сицилискиот теснец. Трагедијата ја преживеале тројца мажи и една жена, кои биле спасени од бродот „Римона“, кој утрово ги префрлил на патролниот брод CP327 на крајбрежната стража, пренесе агенцијата „Анса“.

Четворицата по потекло од Брегот на Слоновата Коска и Гвинеја биле истоварени на Лампедуза.

Тие ѝ кажале на крајбрежната стража дека 45 од нив го напуштиле Сфакс, вклучително и три деца, во четвртокот во 10 часот.

По околу шест часа пловење, металниот брод долг седум метри се превртел поради големите бранови. Според преживеаните, останатите мигранти се удавиле во морето. Само 15 имале елеци за спасување.

Ниту товарниот брод „Римона“ кој ги спаси, ниту патролните чамци на крајбрежната стража не ги нашле телата на жртвите.

Фото: АФП

Поврзани новости